Претседателот на затворениот бугарски клуб „Иван Михајлов“ обвинет за ширење омраза

Фото: Фокус

По бришењето на бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ од регистарот на здруженија со одлука на Министерството за правда, против првиот човек на затвореното здружение, Љупчо Георгиевски, денеска е поднесено обвинение за ширење омраза, раздор и нетрпеливост.

Основното јавно обвинителство Битола информира дека поднесе Обвинителен предлог против едно лице кое се товари за продолжено кривично дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторна основа од член 319 став 1 во врска со член 45, како и за продолжено кривично дело – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г во врска со член 45 од Кривичниот законик.

„Обвинетиот како овластено лице на Здружението ‘Културен центар Иван Михајлов‘, со намера да ги повреди чувствата на припадниците на еврејската заедница, го сместил просторот кој го користело здружението токму во т.н. Еврејско Маало во Битола, односно на истата улица во која се наоѓа и објектот познат како ‘Пионерски дом‘, во кој пред Втората светска војна било сместено Здружението на Млади Евреи ‘Хашомер Хацеир‘. Овој простор бил свечено отворен за користење за членовите на Здружението ‘Културен центар Иван Михајлов‘ на 16.04.2022 година – ден Шабат и прв ден Песах – еден од најголемите еврејски празници“, пишува во соопштението на Обвинителството.

Во текстот се додава дека со цел промоција на животот, идеологијата, рехабилитирање и осветлување на ликот и делото на Иван Михајлов, што е декларирана цел во Статутот на Здружението, обвинетиот дозволил на влезот во просториите да биде поставена табла со цитат од Иван Ванчо Михајлов со кој се негира посебноста на македонската нација.

„Како администратор на Фејсбук страницата на Здружението, обвинетиот континуирано објавувал постови со кои се негира посебноста на македонскиот народ и јазик и историската улога на борците од народно-ослободителната антифашистичка војна 1941-1945 во создавањето на независната македонска држава. Со објавите се промовирале контроверзни ставови на Иван Михајлов и се поттикнувала омраза и дискриминација спрема наследниците, почитувачите и продолжувачите на делата на Сојузот на борците, како и спрема македонскиот народ и македонскиот јазик.
Обвинетиот 45-годишен битолчанец ги сторил кривичните дела во периодот од 16.04.2022 година до 22.03.2023 година, свесен декa на дискриминаторен начин ќе разгори омраза и нетрпеливост врз основа на етничка припадност, јазик, религија и општествен статус спрема македонскиот народ и спрема припадниците на еврејската заедница во земјава“, велат од битолското Основно јавно обвинителство.

Пред еден месец клубот беше избришан од региостарот на здруженија откако претходно на основачите им беше даден рок да го преименуваат клубот, во согласност со измените во Законот за здруженија и фондации. Со законот се забранува основање на организации што во нивното име, програма, цели и дејности поттикнуваат и повикуваат на воена агресија, разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, геноцид, екстерминација, ширење и поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот