Кривичното дело за злоупотреба на интимни фотографии е чекор напред, но треба уште за да се заштитат жртвите, реагираат организации
Измените и дополнувањата на Кривичниот законик донесоа ново кривично дело „Злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално експлицитна содржина“, со што за првпат се санкционира неовластеното споделување, заканување и манипулирање со вакви интимни содржини. Членот 152-а предвидува кривична одговорност и за создавање или изменување на постоечки аудио-визуелни материјали со употреба на компјутерскиот системи, вклучително и манипулирани дипфејк-содржини.
Препорачано
Според група граѓански организации, здружени преку Национална мрежа против насилство, ова е значаен и потребен чекор напред, но потребни се дополнителни усогласувања за целосна заштита на жртвите.
„Овие измени се направени без пошироки консултации од јавноста, во сенка на измените кои се предложија и донесоа за кривичните дела кои се однесуваат на злоупотребата на службената положба. Сепак ова претставува значаен позитивен исчекор и затворање на долгогодишната правна празнина која постоеше, во услови кога злоупотребата на интимни фотографии, видеа и аудио записи стана сериозен и распространет облик на дигитално насилство во нашето општество“, посочуваат од Мрежата.
Потсетуваат дека во Македонија на почетокот од јануари 2020 година одекна случајот ,,Јавна соба“, односно група направена на платформата Телеграм.
Скандалозно: Врие фотографии од голи малолетни девојчиња во групата „Јавна Соба“
„Сите жртви на ‘Јавна соба’ беа жени и девојки. Сите сторители беа мажи. Сепак, во институциите ‘Јавна соба’ не беше третирана како отелотворување на родово-базирано насилство. Оттука, и казнувањето на сторителите беше несоодветно, споро и сè уште не е целосно спроведено за полнолетните жртви“, забележуваат од Мрежата.
Сега, велат оттаму, иако новото кривично дело е сместено во делот за заштита на приватноста, сметаат дека „ваквата концептуална поставеност е потесна од реалната природа на овие повреди“.
„Во пракса, злоупотребата на интимни содржини многу ретко претставува само ‘нарушување на приватност’. Во најголем број случаи станува збор за форма на родово базирано насилство, која вклучува закани, изнуди, моќ и контрола, заплашување, психолошка злоупотреба и повторна виктимизација на жртвите. Овие елементи ја надминуваат рамката на приватноста и директно навлегуваат во сферата на насилството, злоупотребата на моќ и нарушувањето на човековото достоинство. Имено тоа веќе и го покажа случајот со ‘Јавна соба’“, стои во реакцијата.
Се повикуваат на GREVIO, според кој дигиталните злоупотреби, вклучително и неовластеното споделување и манипулирање со интимни материјали, претставуваат продолжение на родово базираното насилство во дигиталниот простор, а не изолиран технички или приватен инцидент.
Сличен пристап воспоставува и Директивата на ЕУ 2024/1385 за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство.
Директивата ја става во фокус штетата врз жртвата, злоупотребата на моќ и континуитетот меѓу онлајн и офлајн насилството, нагласувајќи дека технологијата не создава нов тип на „полесно“ насилство, туку нови алатки за вршење на истите структурални облици на злоупотреба.
„Во тој контекст, задржувањето на ова кривично дело исклучиво во рамката на заштита на приватност создава ризик насилната димензија на делото да остане правно потценета, а жртвите да не добијат соодветно препознавање и заштита во судската практика. Потребен е пристап што јасно ќе ја препознае оваа појава како форма на родово базирано и технолошки потпомогнато насилство, во согласност со европските и меѓународните стандарди“, нагласуваат од Мрежата.
Исто така, бараат во самиот поимник на Кривичниот законик точно да се дефинира што се опфаќа поимот „сексуално експлицитна содржина“.
„Праксата покажува дека дел од случаите на дигитална злоупотреба не вклучуваат секогаш класична голотија (вакви примери имавме и во првиот случај на ‘Јавна соба’, каде дел од девојките јавно говореа како беа преземани нивните слики од Инстаграм во летна облека или од плажа и споделувани во групата со сите нивни лични податоци), но предизвикуваат сериозна психолошка штета, јавен срам и социјална стигматизација на жртвите. Таквите ситуации мора да бидат подеднакво препознаени и санкционирани, за што е потребно и соодветно толкување на ова кривично дело“, децидни се од Мрежата.
Од Националната мрежа најавуваат дека ќе ја мониторираат примената на новото кривично дело, на унапредување на законската рамка и на зајакнување на институционалните капацитети за справување со дигиталното родово базирано насилство. Само преку системски пристап, усогласување со меѓународните стандарди и ставање на жртвата во центарот на правдата, велат оттаму, може да се обезбеди реална и долгорочна заштита.


