Кривични пријави за измама со ученички превоз во Тетово – изготвиле фактури иако знаеле дека договорите се истечени
СВР Тетово поднесе кривични пријави против две физички лица и две правни лица од тетовскиот регион поради основано сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „давање лажен исказ“, поврзани со превоз на редовни ученици.
Препорачано
Во првиот случај, пријавени се М.З. (46) од Тетово и транспортно претпријатие од Тетово. Според полицијата, во текот на септември и октомври 2024 година тие, иако знаеле дека договорот за ученички превоз со средно училиште бил истечен, без правен основ изготвиле и доставиле фактури во износ од 15.034.110 денари со намера да наплатат средства.
– Пријавените не успеале да ги доведат во заблуда надлежните во училиштето, по што на нотар дале лажен исказ и ги доставиле фактурите со барање да изготви предлог решение за нотарски платен налог, кое било донесено од нотарот – се вели во соопштението.
Во вториот случај, кривична пријава е поднесена против Ќ.Ф. (59) од село Шемшово и правно лице од истото село.
Тие на 10 јуни 2025 година, иако знаеле дека договорот за превоз бил истечен, без правен основ изготвиле фактури за септември и октомври 2024 година во вкупен износ од 2.152.447 денари и ги доставиле до средно училиште во Тетово со намера за наплата. И во овој случај, пријавените дале лажен исказ кај нотар со цел да се изготви предлог решение за нотарски платен налог.
Случаите се доставени до надлежното обвинителство за понатамошна постапка.


