Крај на една ера: Џуди Колинс најави проштална турнеја и отворено зборуваше за пороците и алкохолот
Легендарната пејачка и кантавторка Џуди Колинс најави проштална турнеја под наслов „Sweet Judy Blue Eyes“, која започнува на 4 јули. Покрај неа, од бендот „Иглс“, па сè до Бари Манилоу, многу големи имиња во музиката ја избраа 2026 година како своја последна година во кариерата.
Препорачано
Кантавторката и фолк-рок икона оваа година ќе тргне на своето последно музичко патување со турнејата „Sweet Judy Blue Eyes“. Како што објави „Ultimate Classic Rock“, Колинс ќе започне со неколку „загревања“ во јуни, а турнејата официјално ќе стартува на 4 јули, во рамки на прославата „America Made in Virginia: 250 Years Together“ во Вилијамсбург, Вирџинија.
Иако настапите се закажани низ САД до 29 ноември, се очекува да бидат објавени уште датуми. По главниот дел од турнејата, Колинс ќе продолжи со музиката преку „серија бис настапи за верните фанови и новата публика“, под наслов „Sweet Judy Blue Eyes – Celebration Encore“.

Турнејата, која ќе опфати култни концертни сали и градови низ Северна Америка, ќе трае до зимата 2027 година, со цел пејачката да им овозможи на фановите последна можност во живо да го доживеат нејзиниот безвременски глас.
Децениска кариера со безвременски хитови
Името на турнејата е инспирирано од песната „Suite: Judy Blue Eyes“ на Крозби, Стилс и Неш од 1969 година.
На Колинс на турнејата ќе ѝ се придружат и бројни специјални гости, меѓу кои Брус Кокберн, Ричард Томпсон, Хај Кингс, Елс Бејли, Ливингстон Тејлор и други.
Зад неа стои кариера долга неколку децении, а меѓу нејзините најголеми хитови се нејзината верзија на „Both Sides, Now“ од Џони Мичел од 1968 година, како и нејзината изведба на „Send in the Clowns“.
Нејзиното најново издание е албумот „Spellbound“ од 2022 година, кој воедно е и нејзиниот прв целосен албум со оригинален материјал.
Џуди Колинс ја започнала својата кариера на фолк сцената во Гринич Вилиџ во 1960-тите години.
Пријателство со Боб Дилан
Во интервју од 2022 година, Колинс отворено зборуваше за „другарството“ што го чувствувала со другите пејачи, вклучувајќи го и Боб Дилан, како дел од сцената во Гринич Вилиџ во 60-тите години.
„Имаше многу одење во паркот и свирење во недела. И многу алкохол во клубовите, како и одење да ги слушаш сите твои омилени пејачи. Не бев постојано дома, имав стан во Вилиџ неколку години од 1963 до 1965, па некако бев во центарот на случувањата. Се будев и одев на појадок во некој од тие интересни локали, не можам да се сетам на имињата, но беше многу социјално и интерактивно. И, секако, слушнав многу песни што подоцна ги снимив“.
ICYMI – Folk Rock Legend, 86, Announces 2026 Farewell Tour 51 Years After Classic Platinum Album https://t.co/yGKkDDTehc
— Parade Mag (@ParadeMagazine) March 18, 2026
Заслужна за „пробивот“ на Леонард Коен
Колинс била голем пријател и со легендарниот Леонард Коен, на кого му помогнала да стекне светска слава. Во 1967 година, тој ѝ ја отпеал својата песна „Suzanne“ преку телефон. Таа била воодушевена и ветила дека ќе ја сними.
Му помогнала и на неговиот прв голем концерт во Њујорк, организиран против војната во Виетнам. Според анегдота, Коен се вкочанил од трема и избегал од сцената, но Колинс го натерала да се врати, по што добил огромни овации.
Подоцна, Џон Хемонд од „Columbia Records“, човекот што ги открил Боб Дилан и Брус Спрингстин му понудил договор. Сè останато е историја.
Џуди Колинс на 1 мај ќе го прослави својот 87-ми роденден.


