Крај на еден од најголемите судски процеси во фудбалот: Платини и Блатер ослободени од сите обвиненија
Мишел Платини и Сеп Блатер, некогаш највлијателните фигури во светскиот фудбал, се ослободени од обвиненијата за измама откако обвинителството не поднесе жалба на претходната судска одлука. Со тоа, по десет години судски процес, заврши една од најгласните афери поврзани со ФИФА.
Препорачано
Обвинителството двапати неуспешно се обидуваше да издејствува условна затворска казна за поранешните функционери, кои беа обвинети за нелегална исплата од два милиони швајцарски франци (околу 1,8 милиони евра) во корист на Платини, на товар на светската фудбалска федерација.
Аферата изби во јавноста во 2015 година, само неколку месеци по оставката на Блатер, поради низа други скандали. Таа истовремено ја затвори вратата за Платини да го наследи на чело на ФИФА, отворајќи му го патот на тогашниот негов најблизок соработник во УЕФА, Џани Инфантино, кој подоцна и ја презеде највисоката функција во светскиот фудбал.
Со ослободителната пресуда, овој долгогодишен процес доби своја правна разврска, но последиците врз фудбалската политика и понатаму се чувствуваат.


