Ковачевски за регионалната соработка: Да се ослободиме од прангите на минатото и да работиме за иднината

Важноста на регионалната соработка, која е клучна во услови на геополитички превирања и силна поларизација на светот беше тема на денешната сесија „Искрената регионална соработка го одржува регионот стабилен“ на Преспа форумот за дијалог на која говореа премиерот Димитар Ковачевски, црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу, а видео-обраќање имаше претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање кажа дека Преспанскиот договор е добар модел за функционална дипломатија, којшто промовира решавање отворени прашања преку отворен дијалог, не само за земјите во регионот туку и во Европа. Договорот, како што кажа, одговара и на загриженоста кај речиси сите држави кои имаат слични спорови што засегаат идентитетски прашања. Според него, Преспанскиот договор е модел на дипломатија чиишто решенија не ги загрозуваат, туку напротив ги заштитуваат и зацврстуваат идентитетските определби, значајни за една држава и еден народ.

– Од нашиот македонски пример, сакам да порачам на регионот дека е важно да се има храбро, но и стратешко лидерство, бидејќи тоа води кон очекуваните перспективи. Се покажа дека политичките решенија се и решенија за економијата, односно, дека тешките одлуки функционираат и за економијата. По Договорот од Преспа и почетокот на преговорите со ЕУ, лани, во најпредизвикувачката година по Втората Светска војна, Република Северна Македонија минатата година бележи највисоко ниво на странски директни инвестиции – над 700 милиони евра и највисоки државни буџетски инвестиции од 465 милиони евра. Платите значително порасна – минималната плата за 100 проценти во однос на периодот пред 5 години, а нивото на пензиите е зголемено за 40 до 50 проценти, за истиот период. Ова секако е резултат на постигнатата стабилност дома, а се должи и на зајакнатата економска соработка во Западен Балкан, којашто е факт дека никогаш не била поголема од денес – рече Ковачевски.

Говорејќи за регионалната соработка кажа и дека ако не биле темелите на меѓусебната доверба, преку иницијативата Отворен Балкан и Берлинскиот процес, сигурно ќе бевме во потешка ситуација од денес.

– Државите во регионот имаат политички раководства кои одлучија да се ослободат од прангите на минатото, да гледаат кон иднината и да работат за неа: заедно и денес – изјави Ковачевски.

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, во своето обраќање изнесе уверување дека Европскиот парламент ќе продолжи со својата непоколеблива поддршка за сите оние кои искрено сакаат да станат членки на ЕУ, за оние кои живеат следејќи ги вредностите на ЕУ и кои имаат храброст да се помират, да реформираат и да го свртат погледот кон иднината.

– Европската политика за проширување е еден од најголемите и најтрансформативни успеси на ЕУ, а милиони Европејци имаат корист од неа. Проширувањето е победа и за целиот блок на ЕУ и за новите членки. Месецов, исто така, одбележуваме 20 години од Самитот меѓу ЕУ и Западен Балкан што се одржа во Солун. За овие 20 години вложени се многу енергија и ресурси и од страна на ЕУ и од страна на Западен Балкан кон наоѓање заеднички јазик. Беа давани ветувања, се постигнуваше напредок, но честопати тој беше бавен и имаше многу фрустрација, но онаму каде што има волја за помирување, ќе има и начин за напредување. Западниот Балкан побара забрзување на пристапниот процес кон ЕУ, а тоа е и наш повик, во Европскиот парламент и нештата се придвижуваат – рече Мецола.

Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ посочи дека ако земјите од Западен Балкан сакаат да постигнат успех треба да зборуваат за иднината, а не за минатото. Абазовиќ додаде дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ е взаемен интерес.

– Сите заедно сме мали, затоа ни е потребна регионална соработка. Ни треба поголема флексибилност на границите, а да не ги менуваме границите затоа што тоа секогаш е големо проблематично прашање, кога зборуваме за Западен Балкан. Мислам дека треба да ја поддржиме секоја една иницијатива која што може да им го олесни животот на луѓето. Да не мора да го отежнуваме, да не создаваме проблеми за луѓето, туку да ги олесниме работите. Тоа е потребно во една економија. ЕУ треба да сфати дека ако сакаат да имаат поголемо влијание, потребно е повеќе да инвестираат во регионот. Мора да имаме влијание со некои нови вредности и дефинитивно да го смениме фокусот врз економијата и напредокот – истакна премиерот на Црна Гора.

Генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу, ја нагласи важноста на политичката волја и имплементацијата на сите договори, програми и планови склучени од земјите од регионот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот