Ковачевски и Таравари ќе си подадат рака во февруари

Фото: Колаж на „Слободен печат“

Алијанса за Албанците денеска ќе го избере партиското раководство и ќе носи одлука за формален почеток на преговорите за влез во Владата, додека СДСМ најдоцна до вторник ќе има средба со коалициските партнери „на тема“ проширување на владиното мнозинство.

Премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари се очекува во почетокот на февруари да си подадат рака за владино партнерство, брифираат за „Слободен печат“ високи функционери и од СДСМ и од Алијанса. Денеска Алијанса ќе го избере партиското раководство и ќе носи одлука за формален почеток на преговорите за влез во Владата, додека СДСМ најдоцна до вторник ќе има средба со коалициските партнери „на тема“ проширување на владиното мнозинство.

Кои владини ресори ќе бидат во „понудата“ ќе зависи и од одлуката на Алтернатива – дали ќе остане во Владата, ако Алијанса се смести на „Илинденска“. Засега партијата на Африм Гаши е на ставот дека ако Алијанса стане дел од власта, цената за тоа ќе треба да ја платат СДСМ и ДУИ, додека владините партнери Ковачевски и Али Ахмети сметаат дека трите партии треба да отстапат по едно министерско место.

Според нашите извори, понудата за Алијанса се три министерски места – СДСМ да отстапи од правда или од земјоделие, ДУИ од екологија или од образование, а Алтернатива или од здравство или од информатичко општество. Но, Алтернатива не сака да отстапи ниеден ресор, особено не здравство. Од Алијанса инсистираат да раководат со ресорот правда, за другите би се договарале.

Откако СДСМ ќе добие абер од Алијанса и дозвола од коалициските партнери, одлуката за влез на Алијанса ќе треба да помине на Централниот одбор на партијата, а потоа средба помеѓу Ковачевски и Таравари. Дека Алтернатива е проблем потврдуваат и од СДСМ, а за најавата дека може да излезе од Владата, ако се инсистира да отстапи министерство, велат дека тоа ќе биде одлука на партијата на Гаши. Но, нагласуваат дека не може Алтернатива да не отстапи министерство, а има тројца пратеници, додека Алијанса, ако стане дел од власта, ќе влезе со осум пратеници. Неофицијално, Ковачевски не сака да остане без Алтернатива, особено зашто заложба и на СДСМ и на ДУИ е зголемување на мнозинството во пресрет на уставните измени.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи на прашање за гаранциите што ги бара Таравари од власта за уставните измени за Алијанса да стане дел од Владата, одговори дека оваа не е година во која партиите треба да се занимаваат со дневнополитички калкулации, туку се носат стратешки решенија.

– Сите партии што сакаат процесот за членство на Македонија во ЕУ да го направат неповратен до 2030 година време е да имаат координирани напори за да ја обезбедиме таа иднина. Каков ќе биде исходот и текот на преговорите не можам да кажам. Постојано има средби, кога ќе биде формалната ќе каже премиерот – рече Османи.

И премиерот Ковачевски повтори дека парламентарното мнозинство ќе се зголеми, зашто пратениците се слободни да одлучуваат така како што сметаат согласно добиениот мандат и својата позиција во политичката партија. Соработката со Алијансата за Албанците треба да се направи врз основа на две претпоставки. Првата е програмско-политички и втората е кадровска и за такви се уште нема конкретни разговори – изјави Ковачевски и повтори дека за сите политички партии кои се за концептот за европска Македонија вратата е отворена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот