Ковачевски-Блинкен: Северна Македонија останува стабилен стратешки партнер и докажан сојузник на САД
Северна Македонија и Соединетите Американски Држави во континуитет негуваат продуктивен политички дијалог, а нашата земја останува стабилен стратешки партнер и докажан сојузник на САД, е заклучокот од вчерашната средба во Вашингтон на премиерот Димитар Ковачевски и американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Препорачано
Како што информира владината прес-служба, Ковачевски и Блинкен размениле мислења за билатералните односи помеѓу Северна Македонија и САД, како и за состојбите во регионот.

На средбата на која беше присутен и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, премиерот Ковачевски оцени дека двете држави во континуитет негуваат продуктивен политички дијалог и дека Северна Македонија останува стабилен стратешки партнер и докажан сојузник на САД. Двете држави споделуваат длабоки врски, засновани на заедничка почит на демократските вредности и човековите права и ваквите односи ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика, се вели во соопштението од Владата.
Американскиот државен секретар порачал дека САД го ценат придонесот на Република Северна Македонија во регионалниот контекст но пред сè како цврст НАТО сојузник.
Блинкен истакна дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во нејзините следни чекори високо ценејќи ги досегашните храбри и мудри одлуки кои Владата ги презеде во насока на обезбедување просперитетна иднина во рамки на ЕУ и НАТО, додаваат од Влада.

Тој исто така ја пренел и поддршката на претседателот на САД Џо Бајден, на регионот, особено на Северна Македонија и се надева оти земјата ќе ги искористи можностите кои се пред неа, а на тој пат, САД ќе стои цврсто до Северна Македонија.
Премиерот, како што велат од владината прес-служба изразил искрено задоволство од успешното започнување на Стратешкиот дијалог со САД. Истакнал дека дијалогот е од интерес на двете земји за конкретизирање на соработката во сите сфери од заемен интерес.
Премиерот Ковачевски ја нагласил важноста од досегашната поддршка на САД за продолжување и интензивирање на реформскиот процес за натамошна демократизација на нашето општество, владеење на правото, борба со корупција и криминал, што е значајно охрабрување во процесот на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ.
Во оваа насока беше потенцирана целосната поддршка која Северна Македонија ја добива од страна на САД во насока на преземање на следните чекори во евроинтегративниот процес на земјата, се наведува во соопштението.

За нашата земја, како што посочил премиерот, приоритет и се владеењето на правото и борбата против корупција
Премиерот потенцираше дека Владата на Северна Македонија високо ја цени американската поддршка за развојот на антикоруптивни стратегии за секоја земја од Западен Балкан, вклучително и Република Северна Македонија, како поддршка на националните антикоруптивни стратегии кои се веќе креирани во многу области. На средбата Ковачевски посочи дека демократските институции на Северна Македонија, инклузивната и мултиетничка демократија се стимул за земјите од Западен Балкан и му покажуваат на регионот дека демократијата ги негува условите што се потребни за да се промовира непрекината безбедност и просперитет, велат од прес-службата на Владата.
САД, како што најави Блинкен, ќе продолжи да ја дава својата поддршка, бидејќи е од голема важност за стабилноста и просперитетот и на Северна Македонија, но и на регионот.


