Контрадемант на тренерот на карате клубот „Макпетрол“ за Александар Кузмановски – „Ем шуто, ем боде“

Бошко Заборски, тренерот на карате клубот „Макпетрол“/фото: Angela Vincze

Карате клубот „Макпетрол“ и тренерот Бошко Заборски, неодамна реагираa за дебаклот и катастрофално лошиот настап на сениорската карате репрезентација на Македонија на неодамна одржаното Светско првенство во Будимпешта и претходно одржаното европско сениорско првенство. Прикажаните резултати беа под секое ниво, за кои директно го обвини селекторот Александар Кузмановски и стручниот тим на националната селекција во дисциплината борби.

Се побара одговорност за неуспешниот период на стагнација на сениорскиот тим и се посочи дека резултати нема да има КФРСМ, ако веднаш не се престрои и направи итно промени во водечкиот дел на тренерскиот и селекторскиот кадар, таканаречен стручен тим на КФРСМ, каде што предводници се селектори на сениорскиот тим и тимот помлади сениори (У21). Да напоменеме дека во тој стручен тим, во моментов не се вклучени најдобрите тренери и клубови, оние од кои во најголем број е составена репрезентацијата, а тоа се клубовите „Макпетрол“ – Скопје и „Штип“ – Штип.

фото: Карате федерација на Македонија

Во демантот испратен од страна на селекторот Александар Кузмановски забележително е дека тој не дава никакви стручни согледувања за лошиот настап на репрезентацијата за што беше посочен како најголем виновник, тој во отсуство на аргументи не направил никаква анализа за направениот неуспех и што е најтрагично целата вина за неуспесите на репрезентацијата ја става на клупските тренери, иако репрезентацијата работеше цело време по негова а не по клупска програма за подготвување и ИО на КФРСМ овој пат во целост му ја подржа програмата.

За наводите изнесени за стручниот тим, тој вели дека најдобри тренери ја водат селекцијата и тој без никаков респект кон другите тренери кажува дека е најдобро рангиран тренер. За ова свое тврдење кое е невистинито повторно ме принудува да го демантирам со следново излагање.

Тренерот на Карате клубот „Макпетрол“, Бошко Заборски

Тој ги прикрива објективните факти дека селекторот на помлади сениори (У21), селекција која е веднаш до сениорската и во некои категории тие возрасно се надополнуваат, селекција во која за селектор е избран Мартин Несторовски, тоа е млад неискусен тренер, кој воопшто не работел и не се докажал како тренер ни во клуб, нема своја спортска сала и нема освоено ни еден пионерски медал на државно првенство а да не зборуваме за освојување на европски и светски медали. Затоа пак Мартин Несторовски без ни еден одржан тренинг со спортистите Витомир Трајковски и Стефан Стојанович (Макпетрол), беше награден со 3500,00 евра, за освоените европски бронзени медали на овие спортисти на последното европското првенство Ларнака, Кипар за (У21).

фото: Карате федерација на Македонија

 

Потоа Александар во својот демант, повторно дава лажно преставување и без никаква грижа на совест го присвојува трудот кој со години го вложуваат клупските тренери Сашко и Жарко Арсовски, имено врши присвојување на највисокиот сениорски резултат кој е постигнат, тој тврди дека резултатот што го постигнал спортистот Емил Павлов (Штип) (Светски сениорски медал Дубаи, ОАЕ) е направен по негова заслуга, иако за тој резултат тој нема ни еден ден стручна активност или пак одржан тренинг со овој врвен спортист, бидејќи по дадената оставка на актуелниот екс селектор Сашко Арсовски тој дојде како ВД селектор и стапи на таа должност два дена пред тргнување на светското првенство, не беше ни избран за ВД селектор немаше време да се избере. Но затоа пак потоа бесрамно се кити со туѓата пот и мака ја зема наградата од 5000,00 евра за врвен спортски резултат кој поради лошиот правилник АМС (Агенцијата за млади и спорт) му ја доделува.

фото: Шампионскиот тим на Макпетрол (Витомир Трајковски, Петар Спасеновски, Петар Заборски, Давид Петков и Стефан Стојановиќ)

Ваквата пракса продолжи потоа и за бронзениот сениорски медал на Петар Спасеновски (Макпетрол), врвен спортски медал освоен од европско сениорско првенство во Турција, Газиантеп, селекторот Александар Кузмановски не одржа ни еден единствен тренинг со овој спортист а ја зема повторно наградата од 5 000,00 евра од АМС. Александар Кузмановски како по некое правило неправедно е награден повторно и тоа не е крај, овој селектор награден е бесрамно со 3500,00 евра и за двата освоени Светски сребрени медали во Коња, Турција (У21), први во досегашна карате историја на Витомир Трајковски и Стефан Стојанович (Макпетрол).

Вториот медал за кој тој тврди дека по ранг е најголем историски успех го освоил на Младинска Олимпијада каде учествуваа најдобри 8 спортисти од цел свет, медал освоен во јуниорска конкуренција е за поздравување, но само да споменеме дека “Макпетрол” оваа година освои исто таков медал во Топ 8 спортисти во Ријад, Саудиска Арабија на Светски игри на Боречки спортови со Витомир Трајковски и тоа во поголема возрасна категорија (У21). Претходно Наташа Илиевска исто од Макпетрол освои бронзен медал во Пекинг, Кина на Светски игри во сениорска конкуренција во Топ 8 спортисти во свет.

Фото: Макпетрол

Александар очигледно не знае самостојно да се рангира каде му е местото. Иако тој нема во неговата тренерска кариера до сега ниту еден освоен сениорски медал тој без да покаже респект кон многу поуспешните и неспоредливо позаслужни селектори и тренери со неспоредливо повеќе освоени медали, самиот си направил свое рангирање и при тоа со отсуство на срам, изјавува дека тој е најдобриот тренер и селектор и дека како таков бил рангиран од страна на КФРСМ.

Јас во мојата реакција укажав на податокот дека, кога спортистите сениори кои се репрезентативци работеа со своите клупски тренери и по свои програми и планови тие освојуваа медали, на двете последни првенства европско и светско сениорско 2023 год, кога спортистите во целост ја испочитуваа програмата и планот од селекторот и кога последните недели работеа со овој тренер и селектор, резултатите беа под нивото и со катастрофален финален учинок. Впрочем затоа и реагиравме и јас и тренерите од Штип.

МОК (Македонскиот Олимписки Комитет), за индивидуалните боречки спортови има Правилник по кој, само клупскиот тренер може да го води Олимпискиот кандидат на натпревари кои се во нивна организација. Клупскиот тренер е најзаслужен за освојување на медал, но кога клупските тренери се отстранети и со нив не се соработува, тогаш неуспесите и критиките паѓаат на товар на селекторите. КФРСМ поради своја политика го прави спротивното и затоа има голема тренерска демотивираност се прават раздори и растат незадоволствата кај клубовите, спортистите и тренерите.

За да бидат појасни работите и Александар да знае каде му е местото, и во иднина да не биде по народната “Ем шуто ем боде” во Табеларни прикази ги даваме сите врвни резултатски постигнувања на Македонските тренери од постоење на федерацијата до денес со цел да се избегне бесрамното преставување на овој селектор и тренер како најдобар во КФРСМ.

Овој пат ќе се задржам само на најважните натпревари, тоа се Официјални светски и европски првенства светски и европски игри.

Табела Бр 1 Тренерски постигнувања и освоени медали од официјални Светски и европски првенства и светски и европски игри на спортови

По комплетната статистика на освоени медали од Табела Бр 1 Александар Кузмановски во досегашна тренерска кариера нема освоено сениорски медал од официјални највисоко рангирани првенства. По број на освоени медали тој е на 4 (четвртата позиција), но бидејќи тренерите Арлинд Хусеини и Сашко Патраклиев имаат освоено сениорски медали а тој нема, тоа значи дека тој е на 6 (шестата позиција) во сениорска конкуренција на успешни тренери.

Табела Бр 2. Официјални светски универзитетски првенства и европски универзијади

Бошко Заборски има вкупно освоено 70 универзитетски медали

Ако ги селектираме освоените медали по тежината и по наградување и спортската политика од страна на државата, кога за постигнат резултат се доделува титула на спортист од светска категорија и спортист од меѓународна категорија,
Светските универзитетски медали се најблиски до официјалните постигнувања, ако ги додадеме и собереме сите заедно односно освоени 17 медали од Светски универзитетски првенства и 25 медали од официјалните првенства тогаш бројката на освоени медали е точно 42 медали, кои се рангираат како врвни спортски успеси на тренерот Бошко Заборски.

Сега интересен е податокот колку медали има освоено самопрогласениот најдобар тренер селектор Александар Кузмановски, ќе ви одговорам, тој нема ни еден освоен медал од светски и универзитетски универзијади и нема освоено сениорски медал од светски и европски првенства, има само еден освоен медал во категорија на спортист од меѓународна категорија во (У21), другите 7 (седум) медали му се освоени во кадетска и јуниорска возраст, тоа е сосема друга конкуренција која не се споредува со сениорските постигнувања.

фото: kfm.com.mk

За да биде уште појасна сликата каде се наоѓа Александар Кузмановски во рамки на елитно светско карате ќе наведам уште некои врвни успеси кои се претежно остварени во сениорска конкуренција и во помлади сениори (У21), тоа се Златната Европска карате лига, сегашна 1 Премиер карате лига, Премиер карате лига А серија и Светски младински купови.

Како тренер на “Макпетрол” на највисоко рангирани натпревари како што се во споредба со турнирите во спортот тенис, Гренд Слем турнирите и Мастерс турнирите, тоа се во каратето, неофицијалното светско првенство во Парис Опен, потоа Премиер лигите во Ротердам, Милано, Ларнака, Хамбург, Франкфурт, Токио, Дубаи, Умаг. Овие натпревари имаат еднаков коефициент на рангиран критериум како и освоен медал од европско или континентално карате првенство. Само поради државна политика овие првенства не се наградуваат кај нас од страна на АМС, иако некои лиги се поквалитетни и од светски официјални првенства. На вакви натпревари “Макпетрол” освоил вкупно 46 медали, 10 златни, 10 сребрени и 26 бронзени медали.
Генерални победници на светските лиги на крајот од годините, на овие првенства организирани од WKF (Светската карате федерација). прогласени како најдобри спортисти во своите тежински категории во три различни годишни сезони како тренер и клуб имаме тројца врвни спортисти, Наташа Илиевска, Жарко Арсовски, и Симон Антиќ.

Од друга страна најдобриот самопрогласен селектор нема освоено ни еден сениорски медал на овие натпревари од како е тренер, дали ќе освои медал, е голем знак (?)

Од Балкански и Медитерански првенства освоени се вкупно 201 медали од кои 41 балкански шампиони. 57 сребрени 103 бронзени
– Државни првенства освоени се : 365 златни, 277 сребрени и 250 бронзени = 892 медали вкупно
– Медалите кои се освоени од Интернационални карате контролни турнири како што се Кроација опен со 33 држави учеснички, Будимпешта опен, Златен појас на Чачак, Куп на шампиони и слични, вкупно се освоени 824 медали.

Еве сега селекторот тренер Александар Кузмановски исто како што е во тенисот, доби комплетна статистика по која се вреднува успешноста на тренерите и селекторите. Сега тој може да се вреднува вистински каде му е местото по квалитет, а не по негативна селекција на добиена функција и по свое кажување и убедување.

За крај јас не ставив ниту еден медал, што сум го освоил како селектор, а спортистот да не бил член на клубот “Макпетрол” каде што јас сум тренер, ако ги ставев табеларно и тие медали тогаш вкупниот број на освоени медали за најмалку една третина ќе беше поголема.

Селектор на Македонија бев три мандати и 20 години сум селектор на Универзитетската федерација и имам неспоредливо повеќе освоени медали и врвни спортски успеси како селектор на сениорска репрезентација на Македонија со спортистите: Ардита Исени, Иво Цветковски, Огнен Груевски Сашко Арсовски, Жарко Арсовски, Наташа Илиевска од самопрогласениот “најдобар селектор и тренер Александар Кузмановски”, кој немајќи свои успеси се кити и афирмира со туѓи:- крај на демантот

Со почит

Тренер на Карате клуб “Макпетрол” – Скопје

Д-р сц Бошко Заборски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот