Констракта за Бејби Лазања: Се надевам дека ќе победи, тоа ќе биде добро за целиот регион
Српската пејачка Ана Ѓуриќ – Констракта, која ја претставуваше својата држава на Изборот на песна за Евровизија во 2022 година, деновиве престојува во шведскиот град Малме, каде отпатува за да ѝ даде поддршка на годинашната српска претставничка Теодора Павловска, позната како Теја Дора.
Препорачано
Во изјава за српскиот медиум „Телеграф“, таа откри кои песни ѝ се фаворити годинава.
„Навистина ми се допаѓа италијанската девојка. Го следам и Бејби Лазања, тој е фаворит за победа и се надеваме дека ќе биде така. Тоа би било добро за сите нас во регионот. Гледам дека Ирска привлече големо внимание, таа изведба беше добро поставена, но не сум ја слушнала песната и не знам за што се работи“, изјави таа.
Констракта ја искажа својата поддршка за годинашниот хрватски претставник Бејби Лазања уште пред почетокот на првата полуфинална вечер во вторникот. Таа ги повика своите следбеници на Инстаграм да гласаат за српската претставничка Теја Дора, но и за хрватскиот претставник Бејби Лазања.
Да потсетиме, Хрватска, Србија и Словенија се единствените држави од поранешна Југославија кои се натпреваруваат на годинашната Евровизија. Сите три земји се натпреваруваа во првото полуфинале и успеаја да се пласираат во финалната вечер, која ќе се одржи во сабота (11 мај).


