Наградата „Горан Стефановски“ е поттик за млади автори до 30 години

Конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ на Драмскиот театар е отворен до 28 февруари

На веб-страницата на НУ Драмски театар ­ Скопје е објавен годинашниот Конкурс за наградата „Горан Стефановски“ за најуспешен драмски текст од млад македонски автор на возраст до 30 години. Конкурсот ќе биде отворен до 28 февруари 2026 година.

Во духот на традиционалната поддршка кон младите драмски уметници и поттикнување на пишување нови драмски текстови, НУ Драмски театар ја доделува наградата во чест на големиот драмски автор, Горан Стефановски. Преку овој Kонкурс, театарот сака да даде поддршка на драмското творештво на младите автори и да ја афирмира современата македонска драма.

Право на учество имаат автори, државјани на Р Северна Македонија, кои до денот на завршување на рокот за пријавување не навршиле 30 години. Поднесениот текст мора да биде оригинално, неизведено дело, а не адаптација или драматизација на веќе постоечки книжевни или драмски форми.

Конкурсот е отворен до 28 февруари 2026 година, а пријавата треба да биде подготвена согласно со насоките што се објавени на веб-страницата на НУ Драмски театар ­ Скопје.

Пристигнатите текстови ќе ги разгледува стручна Комисија составена од пет члена, а добитникот ќе биде објавен на прес-конференција што ќе се одржи во пресрет на денот на раѓањето на Горан Стефановски – 27 април.

Наградата се состои од: Паричен дел на наградата во износ од 60.000 денари (еднократно); Потпишување на Авторски договор со НУ Драмски театар – Скопје; Продукција и изведба на наградениот текст на една од сцените на театарот – малата сцена или сцената „Ристо Стефановски“ – во рок од две години од затворањето на Kонкурсот.

Авторот се обврзува дека до премиерата во НУ Драмски театар – Скопје, текстот нема да биде отстапен на други лица или институции.

Со оваа награда, НУ Драмски театар – Скопје ја продолжува својата посветеност кон развојот на македонското драмско писмо, негувајќи го духот на Горан Стефановски, чии дела се длабоко вкоренети во историјата на театарот. Од „Јане Задрогаз“ (1974) до „Огнени јазици“ (2013), на сцената на Драмски се поставени 15 негови претстави, од кои 8 се праизведби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот