Професор Гордан Калајџиев

Конфликтот во Обвинителството ја прели чашата, со Коцевски е завршено, вели Калајџиев

Конфликтот во Јавното обвинителство, според мене, беше тоа што ја прели чашата. Да видиме дали некој сега воопшто ќе се нафати на таков предизвик кога институцијата е во распаѓање, а притисоци има од сите страни, коментира за „Слободен печат“, професорот Гордан Калајџиев откако владата отпочна постапка за разрешување на републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.

-Колку што се сеќавам, досега не утврдувале дисциплинска одговорност, туку ги разрешуваа заради слаби резултати. Сега конфликтот внатре во ЈО, според мене, беше тоа што ја прели чашата. Така гледано разрешувањето има повеќе смисла отколку обична смена на власта. За волја на вистината, чудо е како Коцевски  воопшто го избраа. Јас прв реагирав дека е анонимен и неспособен да биде лидер во вака тешки времиња – вели Калајџиев за „Слободен печат“.

Според него, друг проблем е дали некој сега воопшто ќе се нафати на таков предизвик.

-Институција во распаѓање, притисоци од сите страни. Доволно е што има лоши меѓучовечки односи, плус слаби резултати – вели професорот.

На прашањето како ќе се утврди дисциплинска повреда, со оглед на тоа што според новиот Закон за јавно обвинителство тоа може да биде една од основите за разрешувањето, Калајџиев потсетува на случајот кога беше разрешена поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.

-На Вилма ѝ измислија повреда што ја немаше. За тоа уво не ги боли. Со Коцевски е завршено – додава професорот.

Владата вчера поведе постапка за разрешување на Коцевски, а како причина го наведе тоа што незаконски именувал, како што рекоа од Влада, вршител на должност на Вишото јавно обвинителство на местото на суспендираниот Мустафа Хајрлухаи. „Војната“ меѓу Хајрлулахои и неговиот заменик, Јован Цветановски, трае со месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот