Конференција на ОБСЕ и ГИ-ТОК „Градење отпорност против организираниот криминал и корупција меѓу младите во Југоисточна Европа” / Фото: Драган Митрески

Конференција на ОБСЕ и ГИ-ТОК: Младите од регионот презентираа позитивни примери во борбата против организираниот криминал и корупција

На вториот ден од конференцијата на тема „Градење отпорност против организираниот криминал и корупција меѓу младите во Југоисточна Европа”, младите активисти од регионот имаа можност да раскажат позитивни примери како тие успеале да направат промени и да се изборат со криминалот и корупцијата.

Александар Декиќ од Србија, член на Младинската организација во општина Бечеј раскажа позитивен пример за тоа како младите откриле злоупотреба на локалниот буџет, па со креирање на сопствен медиумски простор каде објавувале информации успеале да постигнат младите да бидат вклучени во процесите на носење одлуки на локално ниво.

-Разбравме дека јавните набавки се синоним за корупција и решивме да организираме конференција во општинската сала, каде беа присутни околу 30 лица и презентиравме истражување за локалниот буџет и јавните набавки. Бевме млади и наивни и верувавме дека некој ќе одговара, но се разбира ништо не се случи, вели Декиќ.

Тој раскажа дека откако и медиумите не информирале за откриената злоупотреба, решиле да регистрираат портал, а вестите што ги објавуваат се во фокус на младите лица.

-Истражувавме јавни набавки на локално ниво. За нашите истражувања имавме големи очекувања кога нешто ќе се објави јавно, дека полицијата или обвинителството ќе се вклучат во анализата на нашите текстови. Тогаш поднесовме прекршочни пријави, а беа разрешени седум функционери, поради конфликт на интереси, но не ни беше доволно и поднесовме кривична пријава против поранешниот градоначалник на општината. Тука се соочивме со тој момент зошто ние младите не им веруваме на институциите. Нашата пријава отиде до повеќе обвинителства, а секогаш кога ќе прашавме што се случува, добивавме одговор дека „предметот е во постапка”, раскажува Декиќ.

По неколку добиени тужби кон нивниот портал и притисоци од советниците, тие успеале да се изборат и со вклучување на пошироката јавност да имаат увид во локалните активности.

Конференција на ОБСЕ и ГИ-ТОК „Градење отпорност против организираниот криминал и корупција меѓу младите во Југоисточна Европа” / Фото: Драган Митрески

Ивана Војводиќ од Црна Гора, дел од организацијата Јувентас презентираше истражување околу криминалот и корупцијата, во кое учествувале околу 200 средношколци од Котор за идни поморски работници.

-Околу 18 отсто од нив одговориле дека прават нелегални работи во слободното време како што се конзумирање алкохол, дрога или заплашуваат луѓе за забава, предизвикуваат тепачки или извршуваат кражба. Но, позитивно е тоа што голем број од нив се свесни и веруваат дека навредата, насилството и продажбата на дрога се „погрешни”, вели Војводиќ.

Таа додава дека е потребен индивиуализиран пристап за да се спречи потенцијалот или постоечкото криминално однесување. Тоа што недостасува, како што вели Војводиќ е непријавувањето на криминалот или корупција од страна на младите. Нивото на свесност е високо, но немаат доверба во одговорните институции.

Анес Мушич од клубот МАСА, од Босна и Херцеговина раскажа за нивното позитивно искуство за активна вклученост на младите и како тоа може да промени нечиј живот.

-Преку проект на ГИ-ТОК, одлучивме да се фокусираме на сиропиталиште и да ги вклучиме децата кои беа сместени таму. Дел од нив веќе имаа сторено кривично дело, па преку дискусија со поранешни сторители на кривични дела им ги презентиравме негативните аспекти да се биде член на криминална група, раскажува Мушиќ.

Тој вели дека биле навистина среќни кога разбрале дека дел од тие деца се оттргнале од проблематичните групи, се вработиле и се вклучиле во спортски активности.

Конференција на ОБСЕ и ГИ-ТОК „Градење отпорност против организираниот криминал и корупција меѓу младите во Југоисточна Европа” / Фото: Драган Митрески

Едлира Ѓону од Албанија од Импакт центарот во своето обраќање истакна дека постојано се трудат да ги насочат младите на вистинскиот пат, како да се однесуваат, да се едуцираат и да ги избегнат криминалот и корупцијата.

-Сакаме младите да останат тука, но ги ставаме во тешка ситуација со тоа што ги учиме какви да бидат и каква е всушност реалноста. Имаме политичари кои се дружат со криминалци или криминалци се политичари, вели Ѓону.

Таа се осврна и на улогата на медиумите, особено во делот на информирање за криминалци.

-Медиумите често знаат да ги возвишуваат криминалците. За секој сторен криминал, тие се фокусираат на описот на сторителот. Често знаеме да прочитаме изјави „Тој беше добар човек, не знам зошто го направи тоа” или се прикажуваат како херои, појаснува Ѓону и додава дека улогата на медиумите не треба да биде нормализирање на криминалците, со цел младите да не се инспирираат.

Оваа дводневна конференција ја организираат Секретаријатот и Канцеларијата на координаторот за економски и еколошки активности на ОБСЕ, во соработка со Претседавањето со ОБСЕ на Северна Македонија од 2023 година (ЦИО) и Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОК).

Настанот овозможува да се слушнат предизвиците на младите и како тие можат да бидат активно вклучени во донесувањето на важните одлуки што ги засегаат и нив и да се изборат против криминалот и корупцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот