Насловна корица на романот „Шаги Бејн“ во издание на „Артконект“

Комплексната и длабока книга „Шаги Бејн“ од Даглас Стјуарт доби превод на македонски јазик

Издавачката куќа „Артконект“ од Скопје неодамна го објави романот „Шаги Бејн“ од шкотско-американскиот писател Даглас Стјуарт. Ова е неговиот прв роман и за него авторот ја добива престижната награда „Букер“ за 2020 година и стекнува светска слава, а романот е преведен на повеќе од четириесет јазици.

Раскажан едноставно и низ детска перспектива „Шаги Бејн“, сепак, истовремено е и комплексна и длабока книга во поглед на темите и мотивите што ги разработува. Дејството се случува во 1981 година, кога Глазгов тоне во економска и социјална криза.

Приказната започнува со младата Агнес Бејн, која со своите три деца и сопругот е принудена да се пресели во малиот стан на своите родители. Борејќи се со сиромаштијата, депресијата и насилството на кое е секојдневно изложена, Агнес сè повеќе сфаќа дека никогаш нема да го живее животот што го посакува.

Нејзиниот најмал син, Шаги, е единствениот што сонува дека љубовта, сепак, може да го спаси неговото семејство. Неговото соочување со реалноста и согледувањето на светот каков што навистина е го прават „Шаги Бејн“ трогателен и незаборавен роман во кој љубовта и разочарувањето, очајот и надежта длабоко се преплетени.

„Светот на Шаги Бејн е свет на, речиси, неподнослива болка наспроти која стои безусловната љубов“, напиша „Њујорк тајмс“.

Книгата е објавена во рамки на проектот „Соочување со неизвесноста: современа европска литература“ што издавачката куќа „Артконект“ го реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на ЕУ. Преводот е на Ацо Пероски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 329, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.4.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот