Компани не мисли како Мурињо, го критикуваше Португалецот поради Винисиус
Стратегот на Баерн Минхен, Винсент Компани, застана во одбрана на фудбалерот на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор, по инцидентот што се случи на натпреварот од Лигата на шампионите против Бенфика.
Препорачано
Бразилскиот напаѓач во текот на средбата во Лисабон реагираше кај судијата, посочувајќи дека бил навреден на расна основа. Од мадридскиот клуб подоцна соопштија дека навредите наводно дошле од играчот на Бенфика, Џанлука Престијани. Случајот предизвика лавина реакции, особено по настапот на тренерот на португалскиот тим, Жозе Мурињо, кој оцени дека прославата на Винисиус можеби ја поттикнала тензијата.
Компани нагласи дека реакцијата на Бразилецот била искрена и спонтана.
„Ако внимателно се погледне ситуацијата, јасно е дека емоцијата не може да се одглуми. Не гледам зошто некој би отишол кај судијата и би си создавал дополнителен притисок без причина. Ако реагирал така, тогаш сигурно чувствувал дека е исправно“, истакна тренерот на германскиот гигант.
Тој директно се осврна и на изјавите на Мурињо.
„По мене, уште понепријатно е она што следуваше по натпреварот. Кога тренер со такво реноме јавно ќе го критикува играчот, тоа е погрешен пример“, порача Компани.
Сепак, белгискиот стручњак се обиде да ги смири страстите, нагласувајќи дека не сака да навлегува во лични оценки.
„Верувам дека е добра личност и немам намера да го судам како човек. Можеби сакал да испрати одредена порака, но според мене, во овој случај направи грешка“, заклучи Компани.
Винисиус за скандалот во Лисабон: Толку е слаб што мораше дресот да го стави преку уста


