Колкава е шансата да се заразиме со ковид на отворено? Еве што велат експертите за носењето маски надвор

Жена со заштитна маска на плоштад „Македонија“ коронавирус ковид-19
Жена со заштитна маска на плоштад „Македонија“ во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Отворениот простор е неспоредливо побезбеден отколку затворениот простор, но сепак, со оглед на тоа што светот се соочува со пандемија, мора да се биде претпазлив. Иако речиси целиот документиран пренос на коронавирусот се случил во затворен простор, експертите велат дека е оправдано да се носи маска и на отворено, бидејќи мал ризик за зараза постои и надвор.

Тоа, пред сè, се однесува на настани каде што луѓето стојат блиску едни до други и подолго време разговараат, како политички собири или забави на отворено.

Откако почна пандемијата, научните студии докажаа дека вирусот најлесно се пренесува во ресторани, домови, фабрики, канцеларии, на конференции, во возови и авиони, односно во секој затворен простор каде има групирање на луѓе.

Во студијата спроведена на 25.000 случаи, околу шест отсто од случаите се поврзуваат со зараза на отворено, како спортски настани или концерти. Станува збор за оградени зони каде што физичкото дистанцирање не се почитувало или каде што луѓето останувале извесно време и се движеле наоколу, гласно зборувајќи или пеејќи.

„Не сме идентификувале ниту еден случај кој би го поврзале со т.н. секојдневен живот на отворено“, вели авторот на студијата, професор Мајк Вид од Универзитетот во Кантербери.

Тој додава дека просторот на отворено е неспоредливо побезбеден отколку затворениот простор.

Во студијата, покрај британски, учествуваа и научници од американски и германски универзитети.

Ризикот е помал затоа што вирусот се разредува во атмосферата, нешто слично се случува со чадот од цигари, заклучуваат експертите.

Што покажа истражувањето? Список на заштитни маски – од најдобра до најлоша

Аеросоли: Најмалите честички што вирусот може да ги пренесе

Aеросолите можат да лебдат во воздухот неколку минути или часови, во зависност од воздухот во конкретниот простор. Така, во просториии со слаба вентилација можна е акумулацијата на овие честички. Тоа е, на пример, исто така можно и во тесен простор помеѓу две згради каде што нема циркулација на воздухот.

„Колкава количина аеросол е потребна за инфекцијата не е познато, но колку е поголема количината, толку е поголема веројатноста за заразата“, вели Стив Елеџ, генетичар и експерт за вируси на Харвард.

Времето поминато во близина на заразено лице е клучен фактор. Една секунда на тротоарот не е доволна за да се зарази, потребно е, веројатно, барем неколку минути.

„Нема докази дека коронавирусот се пренесува со разминување на луѓето на отворено“, заклучува групата научници, но во теорија и тоа е исто така можно. „Кога ќе поминеме покрај луѓе, можно е да собереме малку од нивното издишување. Ризикот е многу низок, но од принципот на претпазливост, маската не може да штети“, изјави Линзи Мар, експерт за пренос на вируси на аеросоли од Универзитетот „Вирџинија тех“.

Постојат премногу варијабли за да може точно да се пресмета колкав е ризикот од зараза на тротоар или во парк, на пример. Тоа зависи од ветерот, но и од сончевите ултравиолетови зраци кои го деактивираат вирусот.

Сè упатува на тоа дека ризикот е мал, но маските се, сепак, најефикасната безбедносна стратегија.

„Случаен минувач на тротоарот може да кивне токму во моментот додека се разминува со вас – објаснува Кристал Полит, професорка по епидемиологија на Јејл.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот