Колектив „Гола Планина“: Индиректно се бориме со неправдите во културниот сектор

Бендови од колективот „Гола Планина“ настапија на фестивалот „Кикфлип“ / Фотографија: Зденко Петровски

Самоиницијативно и солидарно новиот бран млади музички групи се здружија во заедничка мрежа – колектив, кој го насловија „Гола Планина“, чии ангажмани стануваат сѐ повидливи во актуелната културна стварност.

Почетоците на колективот „Гола Планина“ главно се поврзани со заеднички настап во јавноста на неколку млади музички бендови. Дел од нив поединечно учествуваа и на некои од музичките фестивали што се одржуваат кај нас. Но, со реформирањето на колективот на крајот на 2022 година и со активностите што ги преземаа за заштита на Младинскиот културен центар преку протестниот настан „Сите за МКЦ“ во јануари годинава, предизвикаа поширок интерес во јавноста. Тоа беше знак дека е оформена, вообличена и профилирана нова и млада надоаѓачка сила на независната културна, и особено музичка, сцена.

Подетален опис на колективот и неговите активности добивме од Леон Шумански, кој зборуваше во име на „Гола Планина“.

Која е личната карта на колективот „Гола Планина“?

– „Гола Планина“ е основана во 2021 година, од идеја на Мартин Џорлев за заемна поддршка меѓу бендовите. Во тој момент има шест бенда и артисти што активно беа вклучени во мрежата. Но, по едногодишната пасивност, на крајот на 2022 година, 15 бенда, артисти и музички ентузијасти на собрание одлучуваат за реформација на колективот. Во моментов, членови на Управниот одбор на „Гола Планина“ се Леон Шумански, Марко Печеновиќ, Раде Биковски, Мартин Џорлев и Лука Јованоски. Бендовите што учествуваат се „Луфтанза (Lufthansa)“, „Cut your nipple“, „Corrosion“, „Хајка!“, „Vagina Corporation“, „Стој, После!“, „Занаду“, Dimish, „Basement cult“, „Conspiracy“, „Зулу 3.4“, KEM, „Дивоградба“, „Peach Vice“ и ATA.

Леон Шумански е еден од членовите на Управниот одбор на „Гола Планина“

На кои заеднички начела и со каква агенда го основавте колективот?

– Поддршка, застапување и зачувување на културата во музичко-сценскиот сектор се главните точки врз кои го реформиравме колективот во 2022 година. Стигнуваме до тоа со присуство на настани, активно следејќи и поддржувајќи ги младите, нови уметници. Секако, битно е и самите да добиеме што поголемо знаење за музиката и музичката индустрија, затоа пробуваме да сме на сите домашни и интернационални конференции и големи собири за музичари и музички работници.

Името на „Гола Планина“ силно одекна во јавноста со организацијата на протестниот настан „Сите за МКЦ“. Какви активности се суштината на вашето здружување?

– „Гола Планина“ како колектив немаше за цел да биде спознаена од јавноста како протестна организација, која пркоси на системот пред правењето и поддржувањето на музиката. Но, од друга страна, индиректно се бориме со неправдите во културниот сектор. Ситуацијата со МКЦ беше страшна во нашите очи, како можеби последното место кое со цело срце ја поддржува алтернативната уметност. Почекавме некој да реагира, но во еден момент разбравме, дека ова е во наши раце, ние сме следните во МКЦ и наше е да го заштитиме. Ја одбравме музиката за нашиот протестен собир како една од главните атрибути по кои е познат МКЦ, но не ја заборавивме и театарската, филмската и ликовната уметност, за кои е еднакво важен.

Името на колективот „Гола Планина“ силно одекна во јавноста со протестниот концерт пред МКЦ / Фотографија: Зденко Петровски

Каква е вашата асоцијација за името „Гола Планина“?

– Името „Гола Планина“ беше спонтано избрано, без никаква позадина во почетокот, само затоа што ни звучеше интересно. Но, „Голата Планина“ потоа ја разбравме саркастично, како народското „кај нас нема ништо“ и како перцепцијата на нашата активна култура како „неактивна“ и „неквалитетна“.

Неодамна го објавивте компилацискиот албум „Македонски нов бран – селекција за 2022“. Со каква цел?

– Мислиме, и објективно и субјективно, дека едно издание е најдобриот почеток за едно музичко здружение – колектив. Не мислевме многу, само сакавме 2022ра година да ја зачуваме како плодна година за нас, како музички нов бран, и историски да ја запишеме. Пополека ќе ги отвориме и нашите целни ограноци на „Гола Планина“, кои активно ќе работат за годините понатаму да се сѐ повеќе и повеќе полни со музика.

Прво издание на „Гола Планина“ е компакт-диск компилација со најдоброто од 2022 година

Ќе има ли концертна промоција на албумот и кои други активности се планирани во наредниов период?

– Албумот беше планирано да се зачува како нешто веќе направено, да се поддржат бендовите што немаа слушаност досега и да се донесат пред светлото на јавноста. За ова издание нема да има концертна промоција, но планираме ново, свежо издание на неиздадени песни за некое време. Во моментов се фокусираме на турнеи и медиумско пренесување на нашата музика ширум Балканот, главно надвор од националните граници.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 168, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот