Која е жената што пукаше кон куќата на Ријана? Може цел живот да не излезе од затвор
Жената која во неделата пукала кон куќата на Ријана во Беверли Хилс се соочува со можност за доживотна затворска казна. Осомничената, Ивана Ортиз (35), е обвинета по вкупно 14 точки, меѓу кои и обид за убиство.
Препорачано
Во моментот на инцидентот во куќата се наоѓале пејачката, нејзиниот партнер Ејсап Роки и нивните три мали деца. За среќа, никој не бил повреден.
Детали за нападот
Полицијата во Лос Анџелес добила пријава за пукање на 8 март. Според информациите, Ортиз застанала со автомобил пред куќата на пејачката, испукала повеќе куршуми и веднаш побегнала.
Медиумите наведуваат дека било користено оружје од типот AR-15, а куршумите ги погодиле влезната врата и надворешните ѕидови на куќата.
Во куќата во тој момент имало осум лица – покрај Ријана и нејзиниот партнер, таму биле и нивните синови, тригодишниот РЗА и двегодишниот Рајот, како и нивната шестмесечна ќерка. Во домот биле и мајката на пејачката и двајца вработени.
Според обвинителството, осомничената пукала и кон соседна куќа во која имало две лица, што дополнително ја зголемило тежината на обвиненијата.
„Ова беше исклучително застрашувачка ситуација, но за среќа сите се безбедни“, изјавил извор близок до пејачката, додавајќи дека Ријана слушнала истрели, но во првиот момент не сфатила што се случува.
Којa е осомничената?
Ивана Ортиз живее во Флорида и според официјалните записи од 2024 година има лиценца за логопед. Медиумите наведуваат дека и претходно била апсена. По нападот била уапсена во населбата Шерман Оакс, а судот ѝ одредил кауција од околу 1,72 милиони евра. Следното судско рочиште е закажано за 25 март.
Окружниот обвинител Нејтан Џ. Хокман изјави дека ваквите напади се исклучително опасни и дека насилството со огнено оружје во населени места нема да се толерира.
Необични објави на социјалните мрежи
На профил на Фејсбук за кој се верува дека ѝ припаѓа на Ортиз се пронајдени неколку објави во кои се споменува Ријана.
Истражните органи сè уште се обидуваат да утврдат што точно го мотивирало нападот.


