Кој се ќе присуствува на собраниската седница на која ќе се гласа Протоколот за членство во НАТО?
Ден пред распуштање на парламентот, на 11 февруари, кога Собранието ќе го гласа протоколот за членство во НАТО, во македонското Собрание ќе бидат присутни видни гости од соседството.
Препорачано
Ќе бидат повикани претседатели на парламентите на земји членки на НАТО од соседството, Грција, Бугарија, Албанија, но и од Црна Гора, Хрватска, и Словенија. Тука ќе бидат присутни и претставници на парламентарното Собрание на Алијансата и на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Покани ќе добијат и поранешните претседатели на државата и на парламентот. Од Канцеларијата на Столтенберг, треба да одлучат на кое ниво ќе испратат свој претставник на седницата.
Ќе бидат присутни и шефот на државата Стево Пендаровски, техничкиот премиер Оливер Спасовски, но поради тежината на настанот, ќе бидат поканети и поранешниот премиер, лидерот на СДСМ Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски.
Во пресрет на ратификацијата на протоколот за НАТО, власта и опозицијата се закопани во своите ровови за Законот за одбрана. Собранискиот спикер Талат Џафери посочи дека тој не е предуслов за добивање на евентуален датум за почеток на преговорите со ЕУ на пролетниот самит во Хрватска.
– Законот за одбрана не е предуслов бидејќи никој во НАТО не кажа, ниту во 2008 година, па ни подоцна, дека нашето членство зависи од носењето на овој Закон за одбрана. Веќе ги знаете предусловите, тоа беа прашањата со споровите со нашите соседи. Врз база на тие договори при крај е процедурата за ратификација на Протоколот, кој е пропишан со правилата на функционирањето на НАТО. Закон за одбрана да, пожелно е да се донесе, затоа што од членувањето во НАТО, според принципите на одлучување во НАТО, надлежностите би требало да се пренесат во Владата, заради брзината на одлучувањето, посебно во одлуките што се однесуваат на мисиите на НАТО. Според тие принципи, факторот време е еден од најбитните фактори покрај другите, на пример, за спроведување на една мисија. И во тој контекст е пожелно да се донесе, но да не си создаваме сами себеси предуслов кој не ни го определил никој – рече спикерот Џафери
И покрај преговорите за Законот, засега нема договор меѓу власта и опозицијата, за Законот за одбрана. Извори од опозицијата, за „Слободен печат“ велат дека нема да го гласаат законот.


