Кој не ја виде реката од работници?
Македонските политичари уште еднаш покажаа дека се арогантни, самобендисани и без демократски капацитет. Многу попаметно ќе беше да не се трудат да го делегитимираат работничкиот протест, а да се трудат да создадат подобра бизнис-клима, подобро образование, функционирање на правото и во крајна линија – среќни работници.
Работничкиот протест за поголеми плати покажа сплотеност, покажа дека постои квалитетна критична маса во државава со висок демократски капацитет и ја покажа силата на народот. Но, во исто време покажа колку има силен контрафронт, кој во поддршка на премиерот Христијан Мицкоски, кој ги окарактеризира протестите како партиски, гласно зборува против тие што бараат повисоки плати?! Верувам дека многу од тие гласноговорници имаат голема корист од тоа што така зборуваат, но верувам и дека многумина од нив се со исто така мали плати, но со надеж дека ако бидат добри полтрони, ќе заработат денар повеќе.
Препорачано
Срамно е што гледаме и медиумска спрега со власта. Срамно е кога на Македонската телевизија, како јавен сервис, нема ниту еден кадар што ја открива масовноста на протестот и тамошната атмосфера, додека во исто време ВМРО-ДПМНЕ соопштува дека на протестот имало само 1.000 луѓе?! Како да се слепи сите други што беа таму, па и оние што наместо на МТВ, гледаа видеа на други медиуми. Но, за содржините на ЈП МРТ годинава сите ние ќе платиме 23 милиони евра преку државната каса. Срамна е спрегата и со приватните медиуми. Па во истите тие приватни медиуми каде што се „открива“ како работничкиот протест, всушност, бил протест организиран од СДСМ, новинарските плати се исто така далеку од достоинствени, како и најголем дел од сите работнички плати. Но, затоа газдите се моќни. И по некој уредник…
Во оваа држава главен проблем е што се заработува од политиканство, од „млатење“ празна слама, додека шумата гори. Не е можно толку да немаме паметни луѓе и да стоиме на опашката од земјите во Европа по плати, по пензии, па и по продуктивност. Тоа врзување на продуктивноста со платите е двонасочно. Ако работникот не е продуктивен, зошто газдата не се запраша зошто е тоа така? Дали тој му обезбедил сè што треба? Не може нашите работници да бидат продуктивни со „фиќо“ во трка со некој што вози „мерцедес“. Треба и Владата да се запраша што се случува со продуктивноста на работниците? Како да бидат продуктивни ако постојат толку критики за образовниот систем, па уште и за лажни дипломи! А, што е со кршењето на работничките права што се случува на секој чекор? Од Сојузот на синдикати велат дека им е страв да седнат со работодавачите и да го отворат Општиот колективен договор за стопанството кој е уште од 2014 година, затоа што работодавачите притискаат и веќе стекнатите права да се намалат.
Народот сето ова го гледа и го чувствува. Она што особено радува е што на големиот работнички протест имаше многу млади, оние најпродуктивни на возраст од околу 30 години, кои, ете, се обидуваат некако да останат во државава и да направат промени. Ние веќе имаме толку многу време загубено и толку многу испразнета држава што наместо владејачката партија да пушта партиски соопштенија дека „ССМ и претседателот Слободан Трендафилов се разоткриени“, нека прошета малку низ компаниите, нека ги види условите за работа, нека ги отвори списоците за плата, нека ги побара сите законски ставки што треба да стојат, а кои многу често ги нема. И нека се подружи со „обичниот“ народ, без бесни коли и скапи часовници.
Реалноста на обичните луѓе доаѓа со секое одење во продавница, со секој непредвидлив трошок од кој се крева коса, па дури и со секоја прослава – на човек страв да му е на свадба да појде. Ова ли го заслуживме? Да, имаме и многу проблеми што не зависат од нас. Се најдовме во време-невреме во тежок геополитички вртлог, останавме пред портите на ЕУ, иако бевме многу надежни. Но, многу работи зависат од нас. На пример, корупцијата. Таа никој не ни ја сервира. Но, во Македонија се консумира во крупни залаци. Останавме заробени во партиска институционализација. Останавме заробени на капиталот. Никој не е против газдите, ниту против тоа што тие направиле пари. Ако ги нема нив, ќе нема ни работниците каде да работат. Ако не заработуваат за да инвестираат, нема да се отвораат нови погони и да се развива економијата. Но, за сè треба црвени линии. Овде многу такви линии се прегазија. Македонските политичари уште еднаш покажаа дека се арогантни, самобендисани и без демократски капацитет. Многу попаметно ќе беше да не се трудат да го делегитимираат работничкиот протест, а да се трудат да создадат подобра бизнис-клима, подобро образование, функционирање на правото и во крајна линија, како последица на еден таков систем – среќни работници.


