Кој ќе препорача работник, може да добие скутер! Креативноста на работодавачите нема граници
Како на пазарот на труд снемува работници, така се зголемува креативноста на работодавачите, кои нудат парични награди за донесен работник, бонуси за добредојде, па дури и 14 редовни плати во текот на годината.
Необичен оглас стигна од германската компанијата за производство на кабли „Кромберг и Шуберт“: Кој ќе аплицира за вработување и огласот ќе го сподели со свои пријатели, може да учествува во наградна игра во која главната награда е скутер. Како што на пазарот на труд снемува работници, така се зголемува креативноста на работодавачите, кои нудат парични награди за донесен работник, или пак разни поволности за привлекување работници, од разни пакети со производи до користење спа-центри и 14-та плата.
„Наградната игра“ на „Кромберг и Шуберт“ (КШМК) трае до 1 октомври.
„Главната награда е скутер, а сѐ што треба вие да направите за да бидете во игра за скутерот е да аплицирате за потенцијално вработување во нашата компанија преку пополнување на формата достапна на www.aplikacii.mk, а потоа линкот што ќе ви биде доставен на имејл да го споделите со своите блиски, со цел и тие преку таквиот линк да аплицираат и да станат потенцијален добитник на наградата. Скутерот ќе го добие оној чијшто линк ќе биде во најголем број наврати искористен од други учесници за нивна апликација. Промоцијата ќе трае до 1.10.2024“, објави компанијата на својата веб-страница каде што е објавено дека за учеството во наградната игра треба да се скенира и кодот за скутерот, што исто така е поставен на нивната страница.
Од компанијата велат дека сакаат да им дадат шанса уште на многу семејства од Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар и од регионот да се згрижат и да осигурат сигурност и стабилност за себе и за своите семејства.
„Кромберг и Шуберт“ е најголем работодавач во Македонија со повеќе од 8.500 вработени во две фабрики, во Скопје и во Битола.
– Во моментот КШМК претставува најголем работодавач во Македонија со две фабрики (во Битола и во Скопје) каде што вработува повеќе од 8500 луѓе. Новата екстензија на фабриката во Битола со себе носи проширување на постојните и на новите проекти и секако ја зголемува можноста за унапредувања и за отворање нови работни места во фабриката. За таа цел, секој од вас има можност да ги предложи своите блиски роднини и пријатели, кои би сакале да бидат дел од компанија со долга традиција, најдобри услови за работа, компанија со најголем список на бенефиции за своите вработени – велат од компанијата.
„Кромберг и Шуберт“ и пред еден месец беше во акција за обезбедување работници. Тогаш објави и оглас за бонус за секој нов вработен, како и бонус за секој препорачан нов вработен од по 6.000 денари.
Бонусите за нови вработувања почнаа да се даваат уште пред една година, а практиката ја почна светиниколска „Мода“, која нудеше 5.000 за секој што ќе донесе нов работник во компанијата. Според тогашните изјави, мерката и не дала некој ефект.
Покрај бонусите за донесен работник, има компании што нудат разни парични или друг вид награди за добредојде. Во повеќе огласи можевме да забележиме дека е нагласено дека компанијата обезбедува топол оброк и карта од ЈСП за превоз. Дел од компаниите нудат и приватно здравствено осигурување.
„Дали сакате да го збогатите вашето професионално и животно искуство во рамките на компанија што овозможува професионален и личен напредок, приватно здравствено осигурување, обезбедувајќи истовремено баланс помеѓу работата и приватниот живот?“, пишува во огласот на охридски „Костал“.
„Македонски телеком“, пак, за идниот инженер покрај приватно здравствено осигурување нуди и службен телефон, бенефиции од користење на услугите на МКТ, како и бесплатен фитнес-клуб и јога во рамките на компанијата.
Во огласот за вработување на „Сара фешн“, пак, пишува дека најуспешните во текот на годината добиваат 13-та и 14-та плата.
„ДМ дрогерии“ во огласот за работа за референт во секторот финансии нуди 14 редовни плати!
Од Организацијата на работодавачи велат дека состојбата е алармантна.
– Во изминативе години невработеноста се намалува, но тоа не е резултат на отворените нови работни позиции или, пак, промена во ставот за вработливоста на луѓето што бараат работа, туку се должи на стареењето на нацијата, на иселувањето на младите луѓе. Како голем предизвик за нашата економија е невработеноста на младите луѓе, кои се и најработоспособни, но со најмала желба за работење – изјави за „Слободен печат“ Владанка Трајкоска, претседателка на Организацијата на работодавачи на Македонија.
Бројот на невработени што активно бараат работа, што значи дека секој месец се пријавуваат во Агенцијата за вработување, во јуни бил 101.510 лица. Од нив 60.863 се без образование или со основно образование, а тоа се дури 60 проценти!
За секое слободно работно место има 14 невработени што активно бараат работа