Пари/ Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Кој има проблем со ДДВ да му ѕвони на Мицкоски

Од Управата за јавни приходи во повеќе наврати истакнаа дека на фирмите кај кои не се утврдени нерегуларности, им се исплаќа повратот на ДДВ согласно законскиот рок од 30 дена, а доцнењето кај некои фирми се должи на дополнителните контроли што се прават од страна на надлежните институции

Премиерот Христијан Мицкоски нема информации дека и по три месеци доцни повратот на ДДВ на компаниите, а оние кои мислат дека им се должи, ги покани слободно да му се обратат. Тој е дециден дека парите се враќаат со редовна динамика и немало поголеми отстапувања од она што било пракса во минатото.

-Нема поголеми отстапувања од тоа што е пракса во минатото, данокот на додадена вредност се враќа редовно, но разликата е во тоа што сега внимателно се проверува за да не ни се случат Крмзов и слични луѓе кои го злоупотребувале и црпеле системот и ги злоупотребувале граѓаните – рече Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по настанот на Царинската управа.

На прашањето дека според стопанството, се чека над три месеци за исплата, тој е дециден дека апсолутно не слушнал таква информација.

-Имам редовни состаноци со стопанските комори и апсолутно не сум слушнал ваква информација. Сите што мислат дека им се должи слободно нека ми се обратат, сите го имаат мојот контакт телефон, да видиме дали е тоа така – истакна премиерот.

Од Управата за јавни приходи во повеќе наврати истакнаа дека на фирмите кај кои не се утврдени нерегуларности, им се исплаќа повратот на ДДВ согласно законскиот рок од 30 дена, а доцнењето кај некои фирми се должи на дополнителните контроли што се прават од страна на надлежните институции. Од УЈП, рекоа дека лани враќале барања за поврат на ДДВ кои биле од 2020 до 2023 година.

-Значи од една даночна пријава до друга даночна пријава треба да помине еден календарски месец и тоа е и постапувањето генерално. Но имаме случаи каде што вршиме подетални контроли, тоа се помал број на случаи каде што навлегуваме и на проверки и на повеќе даночни периоди кои што можат да значат и неколку години тогаш времетраењето на контролата зависи од самиот даночен обврзник и од тоа колкав обем е неговиот промет, колку документација треба да се разгледа – изјави неодамна Елена Петрова, директорка на УЈП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот