Лијам Росениор/Strasbourg Alsace

Кој е новиот тренер на Челси? Одлично соработуваше и со легенда на Манчестер јунајтед

Лијам Росениор ќе се обиде да го врати Челси на победничките патеки, откако стигна потврда дека тој ќе биде новиот предводник на „сините“, а работата во Лондон сигурно нема да биде лесна за него.

По завршувањето на играчката кариера, Росениор работеше како стручен коментатор на „Скај Спорт“, а потоа и како асистент-тренер во младинскиот погон на Брајтон. Во 2019 година се приклучи на стручниот штаб на Филип Коку во Дерби каунти, каде што беше задолжен за индивидуалниот развој на младите играчи и анализа на противниците.

По заминувањето на Коку, Росениор стана асистент на Вејн Руни, со кого формираа одличен тандем, Руни ја водеше соблекувалната, а Росениор беше тактичкиот „мозок“ на клупата.

„Ги искористи своите шанси и се надевам дека тоа ќе му се исплати, затоа што Лиам е одличен тренер, каков што ретко сум сретнал“, изјави Руни за „Би-Би-Си“.

„Неговата прецизност и пристап во секојдневната работа се најдобрите што сум ги видел. Јас бев повеќе менаџер, а тој вистински тренер. Научив многу од него“, додаде поранешниот голгетер на Манчестер јунајтед.

Првата самостојна тренерска улога Росениор ја имаше во Хал сити, со кој во сезоната 2023/24 заврши на одличното седмо место во Чемпионшип. Притоа, се потпираше на млади играчи како сегашниот напаѓач на Челси, Лиам Делап, како и Тајлер Мортон и Фабио Карваљо.

Од летото 2024 година го презеде Стразбур, тим кој под негово водство има најмлада екипа во француската Лига 1, со просек од само 22,6 години. Неговата филозофија за развој на млади фудбалери е јасно препознатлива.

„Дали сум менаџер или тренер? И двете. Тренерот ги едуцира и ги подобрува играчите технички и тактички, а менаџерот гради култура, правила и вистински однос со тимот.“, изјави тој за„ИТВ“.

Една од главните забелешки на навивачите на Челси кон Мареска беше неговата тактичка нефлексибилност. Росениор, исто така, инсистира на игра од последната линија и храброст со топка, но за разлика од својот претходник, покажал поголема тактичка разновидност. Во Стразбур најчесто користеше систем 3-4-3, со кој неговиот тим имаше еден од највисоките проценти на посед во лигата (52,9%), но знае да игра и со четворица во одбраната.

Еден од највпечатливите моменти беше ремито 3-3 против ПСЖ на „Паркот на принцовите“, кога Стразбур водеше 3-1 и повеќе од еден час му парираше на европскиот шампион.

„Бев навистина импресиониран од работата на Лиам. Начинот на кој игра Стразбур е на врвно ниво“, изјави тогаш предводникот на ПСЖ, Луис Енрике.

Сепак, Росениор не е без слабости. Неговиот тим често паѓаше физички во завршниците и немаше јасен „план Б“ кога работите не одат според планот. Фудбалот што го практикува носи и ризик од грешки.

 

Ангажманот на Росениор има и историска димензија, тој е само вториот црн тренер во историјата на Челси, по легендарниот Руд Гулит.

Поранешниот фудбалер на Челси, Пол Кановил, го поздрави изборот:

„Лиам пораснал тука, ја познава заедницата. Кога децата ќе видат некој како него на чело на клубот, тоа е надеж и доказ дека патот постои“, изјаав Кановил.

Сепак, работата во Челси во последниот период со новите сопственици се покажа како прилично нестабилна. По смените на Тухел, Потер, Покетино и Мареска, клубот повторно презема голем ризик. Доколку Росениор не успее, одговорноста нема да биде само негова, туку и на спортските директори.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот