Кој е најдобар автомобил за возач почетник?
Кој автомобил да се купи за млад возач е едно од најчестите прашања на родителите, а одговорот повеќе не е само во цената и во сигурноста. Најновата анализа на Американскиот институт за безбедност на автопатиштата (IIHS) и Consumer Reports покажува дека меѓу најдобрите избори денес се моделите што нудат високо ниво на заштита, напредни безбедносни системи и прифатливи цени. Листата за 2026 година вклучува 45 половни возила за помалку од 10.000 долари, како и 29 модели со дополнителни безбедносни технологии што чинат помалку од 20.000 долари.
Изборот на првиот автомобил за млад возач денес повеќе не е ограничен на ниска цена и сигурност. Експертите ја нагласуваат важноста на висококвалитетната заштита од судир, системите за спречување на несреќи и карактеристиките на возење што им го олеснуваат возењето на почетниците.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Најголемото изненадување на овогодшната листа е „Мазда“. Јапонскиот производител е застапен во речиси сите категории и сегменти, а се препорачува речиси комплетната сегашна понуда на модели. Тоа е особено интересно бидејќи безбедноста на автомобилите традиционално се поврзува со „тојота“ и со „хонда“, кои се значително помалку застапени на листата оваа година. Ребека Вист, виш истражувач во IIHS, нагласува дека листата не е наменета исклучиво за млади возачи.
– Овие препораки се погодни за секој што сака да најде рамнотежа помеѓу прифатлива цена, заштита од судир и систем за спречување на несреќи – објасни таа.
При составувањето на препораките, експертите намерно изоставија одредени категории возила. Листата не вклучува помали автомобили со послаба заштита од судир, спортски модели, возила со многу моќни мотори, како и големи модели на пикапи и теренски возила.
Иако многу родители веруваат дека голем теренски автомобил е најбезбедниот избор за млад возач, IIHS предупредува дека практиката покажува поинаку. Ваквите возила се потешки за управување, помалку агилни во градски услови, бараат поголемо растојание на запирање поради поголема маса и претставуваат поголем ризик за другите учесници во сообраќајот.
Половните електрични автомобили сочинуваат значаен дел од препораките за оваа година. Поради брзата амортизација, модели како Hyundai Ioniq 5, Kia EV6, Audi Q4 e-tron и Subaru Solterra се појавуваат како прифатливи опции на денешниот пазар на половни автомобили.
Пред неколку години, овие автомобили чинеа десетици илјади евра повеќе, додека денес можат да се купат по цени споредливи со класичните семејни автомобили. Купувачите добиваат посовремена технологија, повисоко ниво на активна безбедност и честопати подобри резултати на тестовите за безбедност.
Овогодинешната листа покажува дека пазарот на автомобили се менува. Традиционалните фаворити повеќе не доминираат како некогаш, падот на цените на електричните возила отвора нови опции за купувачите, а „Мазда“ тивко се позиционираше како еден од најсигурните избори за безбеден прв автомобил.


