Владимир Путин / Фото: EPA-EFE/MIKHAIL METZEL / SPUTNIK / KREMLIN

Кога бомбите паѓаат врз Киев, тоа е „специјална операција“, а кога ќе удрат врз Москва – „терористички чин“

Рускиот претседател Владимир Путин попладнево дополнително ги коментираше нападите со беспилотни летала што беа изведени врз Москва утрово, нарекувајќи ги „обид за заплашување“ на Русија.

Рускиот претседател ги осуди нападите како „терористички активности“, пренесе „Би-би-си“. Според него, цел на нападите биле цивили, но противвоздушните системи соодветно се справиле со нападот.

Наспроти критиките за руската противвоздушна одбрана – Путин изјави дека системите „работеле на редовен начин“. Тој сепак призна дека има „работи на кои треба да им се посветиме да се подобрат“.

Министерството за одбрана соопшти дека најмалку осум дронови учествувале во нападот, кој предизвикал „мала штета“. Русија директно ја обвини Украина дека стои зад нападот, но Киев ја отфрли одговорноста. Ова е првпат руската престолнина да биде цел на повеќе беспилотни летала.

Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин изјави дека никој не е сериозно повреден. Неколку беспилотни летала паднале на ексклузивно западно предградие во кое живеат високи функционери.

Говорејќи на државната телевизија, Путин рече дека нападот бил одговор на, како што наведе, „рускиот напад врз штабот на военото разузнавање на Украина“ во изминатите денови. Дали навистина се случил таков напад, засега не може да се потврди, пишува „Би-би-си“.

„Како одговор на ова, режимот во Киев избра поинаков пат – патот на обиди за заплашување на Русија, за заплашување на граѓаните на Русија и воздушни напади врз станбени згради“, рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот