Љупчо Коцевски - Државен обвинител на Р. Македонија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Љупчо Коцевски / Фото Слободен печат - Методи Здравев

Коцевски „го напушти теренот“ во последната минута

Според толкувањата на Коцевски, власта сакала да го разреши затоа што јавно зборувал за проблемите и недостигот на ресурси, но и за „прочистувањето“ на редовите на Обвинителството, алудирајќи на неговата битка со поранешниот шеф на скопското вишо Обвинителство, Мустафа Хајрулахи.

Кога веќе беше јасно дека му нема спас, републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, пред неговото разрешување да стигне на дневен ред на собраниска седница, свика прес-конференција, на која по речиси една година закани и навреди од власта кон обвинителите, соопшти дека си поднесува неотповиклива оставка. Иако неговото разрешување беше во најава уште пред кочанската трагедија, а ниските навреди кон Обвинителството и обвинителите не престанаа, Коцевски секогаш тврдеше дека нема да се повлече, нарекувајќи ја постапката „политичка одлука“. Но, во „последна минута“ даде оставка со обвинувања за политички притисоци, но не посочи никого со прст.

Според толкувањата на Коцевски, власта сакала да го разреши затоа што јавно зборувал за проблемите и недостигот на ресурси, но и за „прочистувањето“ на редовите на Обвинителството, алудирајќи на неговата битка со поранешниот шеф на скопското вишо Обвинителство, Мустафа Хајрулахи.

Коцевски поднесе оставка пред да успеат да го разрешат

 

– Најголемата критика од последниот извештај на Европската комисија беа политичките притисоци врз правосудството, кои ни ја парализираат борбата со корупцијата. Јас знам зошто денес стојам тука пред вас. Тоа не е поради моето непрофесионално работење. Тоа не е поради недостиг на резултати, туку затоа што, како државен јавен обвинител, отворено и јавно зборував за проблемите и за недостигот на ресурси, затоа што не се мешав во законското право на јавните обвинители на самостојно и независно одлучување. Убеден сум дека стојам тука пред вас и затоа што се зафатив со еден навистина значаен и тежок процес – прочистување на редовите на Обвинителството. Јас сум првиот државен јавен обвинител кој по донесувањето на Законот за јавно обвинителство во 2021 година, изврши контрола на работењето на вишите јавни обвинителства и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Со оглед на тоа што беа констатирани сериозни пропусти во работењето на одредени јавни обвинители, а кои пропусти подоцна беа потврдени и од дисциплинската комисија, иницирав дисциплински постапки – рече Коцевски.

Иако неговото разрешување беше во најава уште пред кочанската трагедија, а ниските навреди кон Обвинителството и обвинителите не престанаа, Коцевски секогаш тврдеше дека нема да се повлече, нарекувајќи ја постапката за разрешување „политичка одлука“. Во „последната минута“ даде оставка со обвинувања за политички притисоци, но не посочи никого со прст. Предлогот за негово разрешување го нарече вистински пример за политичките притисоци врз правосудството кои ја парализираат борбата против корупцијата.

Заминува гордо, со крената глава

Тој вели дека си заминува гордо, со крената глава, но и со разочараност поради непочитување на принципите врз кои почива правната држава.

– Доказ за тоа е фактот што дури во 10 часот утрово, на само еден час пред закажаниот почеток, ми беше доставена покана од Собранието да присуствувам на седницата на која ќе се расправа за мое разрешување. Предлогот за разрешување воопшто не ми е доставен и не знам на што треба да се произнесам. Собраниска седница очигледно требаше да биде само формалност, за која не ми беше овозможен ниту минимум разумен рок за да подготвам свое обраќање. Тоа е така, затоа што е јасно дека станува збор за предлог кој не е заснован ниту на закон, ниту на факти, туку претставува опасен преседан со далекусежни последици по независноста на јавното обвинителство. Овој предлог како основи за разрешување содржи само три реда, а ниту еден од нив нема образложение или аргументирана поткрепа – порача Коцевски.

Коцевски е убеден дека не сторил ниту лесна, ниту тешка дисциплинска повреда, а тоа било потврдено и во Советот на јавни обвинители, кој даде негативно мислење за негово разрешување.

– Законот е јасен: државниот јавен обвинител може да биде разрешен само доколку се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда. Тоа е така, не заради заштита на Љупчо Коцевски или на кој било друг што ќе дојде на оваа функција, туку заради заштита на самостојноста на јавното обвинителство и начелото на поделба на власта. Принципи кои денес се длабоко нарушени, бидејќи со ниту една постапка не е утврдено дека сум сторил ниту лесна, ниту тешка дисциплинска повреда, а тоа го потврди и Советот на јавните обвинители, кој даде негативно мислење по предлогот на Владата, како уставно и законски надлежен орган задолжен да ја штити независноста на јавното обвинителство. Оттука, самата постапка за мое разрешување е правно неиздржана – рече Коцевски.

Коцевски вели дека, и покрај тоа што откако ја презел функцијата работеле со сериозни ограничувања, со минимален капацитет и без соодветна техничка поддршка, сепак сработиле голем број предмети од висок јавен интерес, во кои биле опфатени лица блиски до различни политички и бизнис центри на моќ, постапувале неселективно, имале правосилни пресуди за поткуп и влијанија во правосудството.

– Имаме активно обвинение за поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, имаме поднесени обвиненија против организирани групи од нарко-подземјето, имаме отворени истраги за даночни малверзации, злоупотреби на ИПА-фондови и многу други предмети со кои, поради несовесно работење, е нанесена штета на државата – набројуваше Коцевски.

Партиски реакции за оставката на Коцевски – обвинител под контрола на ВМРО-ДПМНЕ или крај на еден мрачен период?

Собранието само ја констатираше оставката на Коцевски откако тој поднесе барање за престанок на функцијата.

– Собранието на Коцевски му утврди престанок на функцијата јавен обвинител. Собранието нема да го разгледа предлогот за разрешување на јавниот обвинител, кој беше на дневен ред на собраниската седница бидејќи стана беспредметен – рече собранискиот спикер Африм Гаши.

Коцевски беше избран за републички обвинител во февруари 2024 година, непосредно пред промената на власта додека мнозинство во Собранието имаа СДСМ и ДУИ. Тој беше мета на критики постојано на новата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а постапката за негово разрешување беше ставена на пауза по кочанската трагедија и изборите. Власта единствено беше задоволна од Коцевски и Обвинителството додека се водеше истрагата за Кочани.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот