Книжевен превод: Антологиска проза на универзален автор

Насловна корица на хрватското издание на книгата „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски

Книгата раскази „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски излезе на хрватски јазик во издание на „Тим пресс“ од Загреб. Преводот од македонски на хрватски јазик е на Томислав Ровичанец, кој го има напишано и поговорот за ова издание.

Расказите се преведени со поддршка на Европската преведувачка мрежа „Традуки“. Како што стои во најавата на хрватскиот издавач, станува збор за антологиска проза на универзален автор, не затоа што истовремено пишува романи, раскази, драми и есеи, не затоа што неговата проза спојува историски, психолошки и политички состојби, туку затоа што е повеќеслојна и со мноштво пораки.

– Миневски е автор што иронизира без зајадливост, хроничар на балканскиот микрокосмос во ерозија и неговите беспомошни трагачи по сеопшта правда и божја милост. Неговата имагинација е богата и раскошна. Неговите раскази се движат од реалност до фикција, од репортажа и фељтон до омајна проза, па затоа кај него ништо не е како во стварноста, иако сѐ е преземено од неа. Како еден од најавтентичните автори на Балканот, Миневски сосема уверливо го потврдува своето високо раскажувачко реноме и со оваа книга, збогатувајќи ја европската книжевна ризница со врвно прозно дело – стои во информацијата на издавачката куќа „Тим пресс“ од Загреб.

Романите на Миневски се преведени на англиски, полски, ерменски, бугарски, руски, словенечки, арапски, хрватски, кинески, српски и италијански јазик. Блаже Миневски е застапен во сите антологии на македонската кратка проза објавени последните триесетина години во Македонија и надвор од неа, а негови раскази се преведени на повеќе од дваесет јазици во светот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 197, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.9.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот