Клуч на врата за училишните кујни во Карпош: 9 деца заразени со салмонела

Ученици / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Се затвораат кујните во три основни училишта во Општина Карпош – во „Владо Тасевски“, „Јан Амос Коменски“ и „Војдан Чернодрински“ откако кај 9 ученици од овие училишта е потврдена салмонела. Оваа информација „Слободен печат“ ја доби од општината.

Во ОУ „Војдан Чернодрински“ од 180 ученици кои се хранат во училишната кујна за појадок и ручек, кај три ученици од Центарот за јавно здравје потврдиле дека имаат салмонела.

Во ОУ „Јан Амос Коменски“ од 350 ученици кои се хранат во училишната кујна за појадок и ручек, кај еден е потврдено дека има салмонела.

Во двете училишта се работи за ученици од прво одделение.

Во ОУ „Владо Тасевски“ има потврдени 5 случаи од прво до четвртто одделение, од 350 ученици кои јадат во училиштето.

Во петокот на дневното мени имало мекици без јајца за појадок и спанаќ без месо со кисело млеко за ручек.

Во текот на вчерашниот и денешниот ден се земени брисеви од сите работни површини во сите основни училишта и сите вработени. Фирмата која го врши снабдувањето со храна во сите основни училишта во Карпош самата побарала вонреден преглед. До добивањето на резултатите ќе бидат затворени кујните во овие три училишта, како и кујната во ООУ „Димо Хаџи Димов“ каде нема регистрирани случаи но е сместен магацинот од каде се снабдуваат другите училишта. Резултатите се очекуваат најдоцна до сабота.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат за „Слободен печат“ потврдува дека вчера Центарот за јавно здравје Скопје ги известил дека  во одделението за епидемиологија се пристигнати 7 пријави за заболување од заразна болест салмонела  кај ученици кои посетуваат настава во 3 основни училишта на територија на Општина Карпош.

 Во текот на денешниот ден ДСЗИ во соработка со преставници од Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје како и со Агенцијата за храна и ветеринарство ќе изврши  вонредни инспекциски надзори во  објектите кои се засегнати со конкретната состојба со цел надзор над санитарно хигиенската и епидемиолошката состојба во објектите, откривање на изворот на зараза и прекинување на синџирот на пренос на заразното заболување, велат од ДСЗИ.

Салмонела е бактерија која предизвикува болест Салмонелоза. Симптомите на болеста се повраќање, пролив, гадење, грчеви во стомакот, треска и главоболка. Симптомите обично се јавуваат 6 до 72 часа после заразувањето и траат меѓу 4 и 7 дена, но некогаш и многу подолго. Салмонелата се пренесува главно со јадење храна која не била доволно термички обработена, односно недоволно зготвена, направена од заразени животни (месо, пилешко, јајца и производи направени од нив) или од чоколади, бомбони и други кондиторски производи кои се чувани на несоодветна температура. Салмонелата се уништува со целосно готвење на храната и нејзина добра термичка обработка. Според АХВ, старите лица, доенчињата и оние со оштетен имунолошки систем, може да имаат потешка форма на болеста. Кај нив инфекцијата може да предизвика тешки компликации и затоа мора да се третира соодветно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот