Клиниката за Онкологија незаконски им ги крати ампулите Херцептин на пациентките со рак на дојка

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Клиниката за онкологија им ги крати терапиите на пациентките со рак на дојка наспроти медицинското упатство односно препораката од доктор за дозата на лекот што треба да ја примат овие лица, дознава „Слободен печат“ од доброупатени извори. За скандалот е информирано македонското здружение на млади правници кое веќе се занимава со застапување на овие пациентки пред народниот правобранител, а воедно и вонредни инспекциски служби отишле на терен да ја чешлаат клиниката за тоа што пациентките не го добиваат лекот навремено.

Да биде трагедијата поголема, кога лекот Херцептин ќе се појави во Клиниката за онкологија, за еден до два дена го снемува, односно преку телефонски повици се повикуваат само некои пациентки, им се администрира Херцептин само на дел од пациентките кои се на листата на чекање, а другите остануваат извисени. Ова, самите пациенти со рак го споделуваат во свои затворени групи на социјалните мрежи, од што станува евидентно дека за некои овој лек го има, а за други го нема.

Директорката на Клиниката за онкологија доктор Виолета Клисарова не одговори на прашањето дали на ваков начин, со ненавремено администрирање на ампулите за рак на дојка, на жените им се загрозува животот.

Клиниката за онкологија ја тресе скандал и со недостиг на пари во касата. Според информации на „Слободен печат“, клиниката има милионски загуби во евра во касата, а згора на тоа нема ни лекови. Воздржаноста на пациентите со канцер, да зборуваат за своите проблеми со терапијата Херцептин, како и за други лекови кои ги нема, е голема. Причината е тоа што се плашат дека ако се пожалат, ќе им бидат правени дополнителни проблеми, и дека лековите нема да ги добијат.

Сепак, анонимно една од пациентките вели:

„Херцептинот, да се молиме да го има. А треба на 21 ден да се прима. Од јули наваму требаше шест дози да примам, а јас имам примено само три. Процедурата е пациентите да добиваат 18 херцептини кои мора да се примаат на 21 ден. Тие го стопираат растот на малигните клетки и не дозволуваат да се јават рецидиви. На секои 21 ден треба да се оди на клиниката за онкологија и докторот да препише нова доза за наредниот пат, но во државава ги нема. Јас имам уште седум да завршам но во меѓувреме имав паузи подолги од 42 дена меѓу терапиите бидејќи лекот го нема на време и во доволни количини за сите пациенти“.

Од канцеларијата на народниот правобранител за „Слободен печат“ потврдуваат дека добиле претставка од македонското здружение на млади правници за две пациентки на кои спротивно на меѓународни конвенции им е ускратено правото да имаат пристап до лекови за кои се плаќа од државната каса, односно од буџетот, а во аптеките не може да се купат.

-Во моментот имаме една претставка за лек Херцептин за две пациентки кои со проблеми го примаат година дена наназад на Клиниката за радиотерапија и онкологија. По проучување на списите, се обративме до државниот здравствен и санитарен инспекторат, а пред тоа испративме укажување до клиниката да се отстрани проблемот согласно уставот и меѓународните стандарди и законот за здравствена заштита, бидејќи овој лек мора да е достапен. Во претставката од пациентките е наведено дека имаат нередовна терапија и застој во примањето на болничката терапија кој што се повторува, а истите секогаш ја примаат со значително доцнење кое придонесува да прескокнуваат една до две терапии во годината, изјави Драги Целевски од канцеларијата на Народниот правобранител.

Од Македонското здружение на млади правници за нашата редакција изјавија дека сите пациентки со кои дошле во контакт, имаат неконтинуиран пристап до терапијата Херцептин.

-На повеќето им се доцни и два до три месеци се оставени без терапија. Не навлегуваме во детали дали имаат тендер, дали имаат набавено лекови, туку се застапуваме за правото на пациентите да добијат медицицинска услуга. Ние како Здружение ги советуваме да се обратат до клиниката и писмено да бараат информација кога ќе биде пристапот до терапијата за нив. Да почнат самите да си ги бараат правата кои им следуваат по закон. Некои закони ги опфаќаат нивните права, а во пракса се оставени на милост и немилост а животот им зависи од таа терапија, ни рекоа од здружението на млади правници.

Во групите на интернет станува евидентно дека лекот Херцептин доаѓа и за еден до два дена се троши, а на листата за чекање без примена терапија остануваат извисени другите пациентки.

Во македонскиот регистар за лекови пишува дека препорачаната доза Херцептин независно од телесната тежина е 600 милиграми и дека дозата треба да се дава на секои 3 недели и инфузијата да тече две до три минути.

Новата директорка на Клиниката за онкологија доктор Виолета Клисарова вели дека на клиниката се спроведува ревизија и дека се работи со владата и Фондот за здравство за да се надминат недостатоците на лекови за да се обезбеди навремена терапија. Во бирократскиот одговор од доктор Клисарова стои и дека се работи и на анализа која дополнета со наодите од ревизијата, ќе биде основа за преземање чекори и активности за креирање ново системско решение кое ќе оневозможи злоупотреба на процесите во интерес на пациентите. Таа не одговори какви се ризиците на пациент кој од 18 препишани дози Херцептин ќе прими само дел, а другите ќе ги прескокне затоа што лекот го нема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот