Клиника за кардиологија: Ѝ пруживме здравствена грижа на мајката на Петар Богојески според протокол
Откако политичарот Петар Богојески вчера за „Слободен печат“ изјави дека на Клиниката за кардиологија ќе има истрага за непружање здравствена грижа на неговата мајка која што ја донел таму во животозагрозувачка состојба, од Клиниката за „Слободен печат“ во одговор на прашања за третманот, протоколите и однесувањето на вработените велат дека е постапено по протокол.
Препорачано
Од ЈЗУ Национален центар за кардиоваскуларни заболувања Скопје информираме дека за доставување на потребните податоци за настанот се информирани надлежните органи на Министерството за внатрешни работи. Од страна на вработените присутни за време на настанот во ургентната амбуланта, доставени се писмени изјави.
Согласно изјавите и прашањето за текот и лекувањето на пациентот, постапено е според постојните болнички протоколи и е пружен потребниот медицински третман и даден е совет за понатамошно лекување. Дополнително, информираме дека стоиме на располагање за соработка и ќе биде постапено по евентуално барање од страна на истражните органи, велат од Клиниката за кардиологија во одговор на прашањата на „Слободен печат“ кои ги упативме вчера.
Полицијата потврди дека работат на кривична пријава за кривичното дело „неукажување медицинска помош“ по член 208 од Кривичниот законик.
На 24.03.2026 во СВР Скопје, лицето за кое прашувате поднесе записник за примање на пријава за кривично дело ,,неукажување на медицинска помош” по член 208 од КЗ против медицинска сестра и други лица од медицинскиот персонал за настан кој се случил на 18.03.2026 околу 23:00 часот во Клиниката за кардиологија при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Според пријавеното, поради животозагрозувачката состојба на неговата мајка Ц.Б., таа од Клиниката за неврологија била препратена на Клиниката за кардиологија, а од страна на медицинскиот персонал во Клиниката за кардиологија не и била укажана соодветна медицинска помош, што довело до нагло влошување на нејзината состојба и таа добила мозочен удар и подоцна била хоспитализирана на Клиниката за неврологија.
Богојески вчера во изјава за „Слободен печат“ рече дека медицинскиот персонал одбил да ја згрижи пациентката, да пружи помош, дозволиле привилегиран пациент да добие повластен третман, што според него е неприфатливо поведение за јавна здравствена установа.
Медицинската сестра од Кардиологија пак минатата недела го пријави Богојески за закани. Но, полицијата го истражува и севкупниот третман на пациентката која била во животозагрозувачка состојба.
ЕКСКЛУЗИВНО: „Слободен печат“ открива што содржи извештајот за смртноста на државна Кардиохирургија


