Клинч во болницата „Св. Стефан“ во Охрид: Ѝ виси европската стипендија на докторка

Докторката Виолета Мојсовска Наумоска вработена во Кардиолошкиот центар „Св. Стефан“ во Охрид, со писмен допис до медиумите вели дека директорката на болницата Билјана Пеговска ѝ ја опструира стипендијата што ја добила од Европското кардиолошко здружение затоа што директорката им пишала на спонзорите дека за стипендијата Мојсовска Наумоска нема институционална поддршка. Станува збор за стипендија за едукација и професионална надградба за интервентната кардиологија, доделена на Мојсовска Наумоска од Европската асоцијација за перкутани кардиоваскуларни интервенции (EAPCI), дел од Европското кардиолошко здружение (ESC).

Овие дејствија не само што го попречуваат напредокот на еден посветен лекар, туку претставуваат и директен удар врз развојот на здравствената практика во Македонија, особено во критичното поле на интервентната кардиологија. Оваа стипендија е признание за нејзината стручност и посветеност, и претставува извонредна можност за стекнување на најнови знаења и вештини кои се од витално значење за унапредување на кардиолошката нега во нашата земја. Меѓутоа, наместо институционална поддршка и гордост за овој успех, Д-р Мојсовска Наумоска се соочува со невидени обиди за опструкција. Денес, добивме информација дека лично директорката на Кардиолошкиот центар „Св. Стефан“, Билјана Теговска, испратила документ до Европското здружение на кардиологија со барање стипендијата да ѝ се одземе на Д-р Мојсовска Наумоска, под изговор дека нема институционална поддршка, вели докторката што ја добила стипендијата, Виолета Мојсовска Наумоска.

Директорката Билјана Теговска за „Слободен печат“ изјави дека болницата информацијата за доделениот грант ја дознала од социјалните мрежи и медиуми, без претходна комуникација или известување од страна на д-р Мојсовска Наумоска.

Апликацијата е поднесена од нејзина страна во лично својство, без официјална согласност и знаење на болницата. Во однос на грантот, институцијата ќе постапува согласно своите процедури, законските обврски и стручните критериуми, а во контекст на заштита на интересите на самата институција и здравјето на пациентите. Болницата останува доследна на принципите на транспарентност, законитост и професионален интегритет и како и досега, така и во иднина информирањето на јавноста ќе го темели на факти, колективна работа и почитување на етичките стандарди во медицината, ни рече таа.

Мојсовска Наумоска пак се жали на дискриминација во работниот однос и бара Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат да постапат за да ѝ се овозможи непречено стручно усовршување.

Според неа, ваквите постапки се во директна спротивност со законските одредби кои го регулираат континуираното стручно усовршување на докторите на медицина зашто член 8 став 3 од Законот за медицинските студии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина,  јасно пропишува дека доколку за доктор на медицина е обезбедена обука во здравствена установа во странство, директорот на јавната здравствена установа во која е вработен докторот на медицина е должен истата да ја овозможи.

Доколку овие дејствија се мотивирани од лични околности или претходни обиди за дискредитација, тие може да потпаднат под дефиницијата за дискриминација од Член 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација , која забранува секое разликување, исклучување или ограничување што има за цел или резултат спречување на уживање или остварување на правата и слободите. Ова е последен во низата обиди за моја дискредитација и опструкција на мојот напредок и стручно усовршување, кое трае неколку години. Почнувајќи од испраќање на деманти до голем број медиуми дека Кардиолошки центар „Св. Стефан“ не ги поддржува и се оградува од моите успеси до  кулминацијата денес со директно обраќање до Европското здружение на кардиологија, вели Мојсовска Наумоска.

Таа смета дека нејзиниот успех не е само личен туку е колективен, особено за пациентите што ќе имаат корист од најсовремените медицински практики.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот