Кинезот уапсен за шверцување мравки во Кенија доби затворска казна
Кениски суд му наложи на кинескиот државјанин кој минатиот месец беше уапсен во обид да прошверцува голем број мравки од африканската земја, да плати казна од 1 милион шилинзи (7.746 долари) и го осуди на 12 месеци затвор за обид за шверцување живи мравки од земјата.
Препорачано
Судијата во пресудата навел дека строгата казна е потребна како средство за одвраќање, со оглед на зголемувањето на трговијата со мравки во Кенија, објави Си-ен-ен.
Оваа практика ги храни пазарите како кинескиот, каде што ентузијастите плаќаат големи суми пари за одржување колонии мравки во големи, проѕирни контејнери познати како формикариуми, кои им овозможуваат да го проучуваат однесувањето на инсектите.
Кинескиот државјанин Жанг Кекун беше уапсен минатиот месец на главниот меѓународен аеродром во Најроби со повеќе од 2.200 живи градинарски мравки во багажот.
Неговиот адвокат рече дека ќе поднесе жалба на пресудата.
Инаку кинескиот државјанин првично се изјаснил за невин по обвиненијата, вклучително и нелегална трговија со диви животни, но подоцна го променил своето изјаснување и се изјаснил за виновен, пренесува медиумот.


