Ченг Ли Вун и Си Џинпинг / Фото: Kuomintang / EFE

Кинескиот претседател се сретна со можната идна тајванска лидерка, се заложија за мирни односи

Кинескиот претседател Си Џинпинг во петокот се сретна со водечката тајванска опозиционерка Ченг Ли Вун, во првата средба на високо ниво по една деценија. Двете страни истакнаа заложба за мир во односите меѓу Кина и Тајван, пренесе Би-би-си.

Ченг Ли Вун е првиот актуелен лидер на партијата Куоминтанг што ја посетува Кина по повеќе од една деценија. Таа се залага за мирно обединување со Кина под одредени специфични услови и, според анкетите, би можела да биде победничка на следните избори на островот. Владејачката Демократска прогресивна партија ја критикуваше посетата, обвинувајќи ја Ли Вун дека му е премногу наклонета на Пекинг.

Кина го смета Тајван за дел од својата територија и не ја исклучува можноста за употреба на сила за негово преземање.

Си изјави дека средбата имала цел да придонесе за стабилност и мирен развој на односите, нагласувајќи дека соработката е можна доколку се отфрли идејата за независност на Тајван. Тој повтори дека двете страни имаат заеднички интерес за мир.

Ченг, од своја страна, порача дека спротивставувањето на независноста и почитувањето на т.н. „консензус од 1992 година“ се начин да се избегне конфликт и да се зачува стабилноста. Овој консензус подразбира дека постои „една Кина“, но дозволува различни толкувања, додека владејачката партија во Тајван го отфрла како закана за суверенитетот.

Пекинг одбива официјален дијалог со актуелниот претседател Лаи Чинг-те, кого го нарекува „сепаратист“, и покрај неговите изјави дека ќе го задржи сегашниот статус во односите.

Поголемиот дел од жителите на Тајван се сметаат за посебна држава, но истовремено поддржуваат задржување на постојната состојба – без обединување со Кина, но и без формално прогласување независност.

Кинескиот претседател го обнови ветувањето дека ќе го врати Тајван

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот