Кина и САД ја спуштија топката, каков договор падна?
Високи економски претставници на Кина и САД во неделата ги усогласија основите на трговски договор што треба да го финализираат претседателите Доналд Трамп и Си Џинпинг подоцна оваа недела — договор кој би ја сопрел најавената зголемена царина на САД и кинеските контроли за извоз на ретки метали, соопштија американски функционери, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, изјави дека разговорите, кои се одржале на маргините на самитот на АСЕАН во Куала Лумпур, го елиминирале ризикот од воведување на 100 отсто царини на кинески увоз од 1 ноември. Тој додаде дека очекува Кина да го одложи воведувањето на новиот режим за лиценцирање на извоз на ретки метали и магнети за една година, додека политиката повторно се разгледува.
Кинеските претставници беа повоздржани и не открија детали за исходот од состаноците.
Трамп и Си треба да се сретнат в четврток, на маргините на самитот на Азијско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Ѓеонгџу, Јужна Кореја, за да го потврдат договорот. Иако Белата куќа официјално ги најави разговорите, Кина сè уште не ја потврди средбата.
САД нема да ја менуваат трговската политика кон Кина поради пазарните турбуленции
„Мислам дека имаме многу успешна рамка за лидерите за дискусија во четврток,“ изјави Бесент пред новинарите, по состанокот со американскиот трговски претставник Џејмисон Грир, кинескиот вицепремиер Хе Лифенг и со главниот трговски преговарач Ли Ченгганг — петти нивни директен состанок од мај наваму.
Бесент рече дека очекува примирјето околу царините да се продолжи по 10 ноември и дека Кина повторно ќе почне значајни набавки на американска соја, по едномесечен прекин во септември кога купувала претежно од Бразил и Аргентина.
Грир, пак, рече дека двете страни се договориле да паузираат некои казнени мерки и да најдат „пат напред за поголем пристап до кинеските ретки метали и за намалување на трговскиот дефицит преку зголемување на извозот од САД“.
Трамп очекува договор, Кина повикува на претпазливост
Кинескиот претставник Ли Ченгганг изјави дека двете страни постигнале „прелиминарен консензус“ и дека сега ќе следат внатрешни процедури за одобрување.
„Американската позиција беше цврста, но и Кина решително ги бранеше своите интереси. Имавме интензивни, но конструктивни разговори за да најдеме решенија и договори што ќе ги адресираат нашите грижи,“ изјави тој преку преведувач.
Трамп пристигна во Малезија во неделата на самитот на АСЕАН — првата станица на неговата петдневна азиска турнеја што ќе заврши со средбата со Си во Јужна Кореја.
По разговорите, Трамп изјави оптимистички: „Мислам дека ќе имаме договор со Кина“.
Тој претходно се закани со воведување 100 отсто царини и со други трговски ограничувања на кинеските производи, како одговор на новите кинески контроли за извоз на ретки метали и магнети.
Се очекуваат детали за зделката со „Тикток“
Освен за ретките метали, делегациите разговарале и за проширување на трговијата, за кризата со фентанил во САД, за пристанишни такси и за трансферот на „Тикток“ под американска контрола.
Бесент изјави дека треба да се договорат деталите на зделката за „Тикток“, за да можат Трамп и Си „да ја завршат трансакцијата“ во Јужна Кореја.
На маргините на самитот на АСЕАН, Трамп најави можни идни средби со Си во Кина и во САД.
„Се договоривме да се сретнеме повторно — подоцна во Кина, а потоа и во САД, во Вашингтон или во Мар-а-Лаго,“ рече Трамп.
Меѓу темите што ќе ги отвори со Си се кинеските набавки на американска соја, прашањето за Тајван и ослободувањето на затворениот хонгконшки медиумски магнат Џими Лаи, кој стана симбол на кинеската репресија врз слободата на медиумите во Хонг Конг.
Трамп рече и дека ќе побара кинеска помош во односите со Москва, додека војната во Украина продолжува.
Тензиите меѓу двете најголеми економии повторно се зголемија последниве недели бидејќи и покрај примирјето постигнато во мај и продолжено во август, САД и Кина повторно воведоа санкции и трговски ограничувања една против друга.


