ВИДЕО | Кети Пери возбудена за мисијата во вселената: „Морам да пеам во вселената“
Ракетата „Њу шепард“, произведена од компанијата на милијардерот Џеф Безос, „Блу ориџин“, денес ќе биде лансирана во вселената со екипаж составен исклучиво од жени, меѓу кои и поп-ѕвездата Кети Пери.
Препорачано
Ова е првата експедиција со целосно женски екипаж од советската мисија во 1963 година. Според планот, ракетата ќе ја помине таканаречената Карманова линија – меѓународно признаената надморска височина на која почнува вселената.
Покрај Пери, во ракетата „Њу шепард“ се наоѓаат и водителката Гејл Кинг, новинарката и партнерка на Џеф Безос – Лорен Санчез, ракетната научничка Ајша Боу, активистката за граѓански права Аманда Нгујен и филмската продуцентка Керијен Флин.
Станува збор за автоматизирана ракета на која не ѝ е потребен пилот, па така сите жени се всушност патнички и нема да имаат контрола врз летот.
„Њу шепард“ ќе полета од западен Тексас во 15.30 часот по средноевропско време, а мисијата ќе трае околу 11 минути.
Пери на својот инстаграм-профил објави дека петнаесет години сонува да отпатува во вселената и дека конечно ќе ѝ се оствари сонот.
„Мислам дека ќе пеам, барем малку. Морам да пеам во вселената“, им вети пејачката на своите следбеници.


