Кембриџ го избра глаголот „халуцинира“ за збор на годината
Речникот на Кембричкиот универзитет го избра својот збор за 2023 година. Станува збор за глаголот „халуцинира“, а оттаму велат дека го избрале поради една интересна причина – вештачката интелигенција, пишува „Гардијан“.
Препорачано
Имено, дефиницијата на глаголот „халуцинира“ гласи: „наизглед да се види, чуе, почувствува или намириса нешто што не постои поради некоја здравствена причина или како последица на земање некој лек или дрога“.
Од неодамна тоа има и дополнително значење, поврзано со системите на вештачката интелигенција, кои создаваат текст кој го имитира човечкото пишување, кои „халуцинираат“ и создаваат лажни информации.
Овој збор е избран затоа што неговото ново значење „продира во сржта на причината поради која луѓето зборуваат за вештачката интелигенција“, стои на веб-страницата на овој издавач.
Генеративната вештачка интелигенција е моќна алатка која е далеку од совршена и „со која сите сè уште учат како безбедно и ефективно да комуницираат, што значи дека се свесни за потенцијалните придобивки и моменталните недостатоци“.
Овој речник додаде неколку термини поврзани со вештачката интелигенција оваа година, вклучувајќи го и генеративниот јазичен модел (LLM), генеративната вештачка интелигенција (GenAI) и генеративните однапред обучени трансформатори (GPT).
„Халуцинациите со вештачка интелигенција нѐ потсетуваат дека луѓето сè уште треба да го користат своето критичко размислување кога ги користат овие алатки“.
Дадени се два примера за употреба на овој збор на годината: „Генеративните јазични модели се познати по халуцинациите – произведуваат целосно неточни одговори, често придружени со измислени цитати“ и „Последната верзија на четботот е многу подобрена, но сепак халуцинира факти“.


