Кејот се чисти од ѓубрето, конечно ќе се минува под новиот мост кај МНТ

Трафиките за продажба на книги се вече поставени на пешачкиот мост

Требаше Вардар да надојде до пред излевање, па конечно Град Скопје да се зафати со расчистување на кејот на Вардар околу новиот пешачки мост. Ѓубришта, кал, градежен шут, израснати треви, лимени тараби и што уште не, со години стојат на кејот под мостот од двете страни на реката, спречувајќи го слободното движење на пешаците и велосипедистите.

Сега по повеќе години откако кејот во овој дел се затрупа поради градежните работи на мостот, на кој претходната власт имаше идеја да стои панорамско тркало, чистењето почна. Но, како што соопштија од Градот, се расчистува делот кај објектот на Македонскиот народен театар, а сѐ уште нема информација кога ќе се прави прооден и делот под мостот на другиот брег на Вардар.

– Овој дел од кејот речиси 8 години не беше прооден за пешаци и за велосипедисти поради градежните работи и натрупаниот градежен материјал поради изградбата на „Панорамското тркало“. Изградбата на мостот е готова, „Панорамско тркало“ нема, а сега се работи на конечно ослободување и на оваа делница од кејот, за граѓаните да можат непречено да ја користат – информираа од Градот.

Од овој потег досега се подигнати 27 кубни метри градежен материјал, а чистењето треба да продолжи и во наредните денови. Од Град Скопје велат дека активностите за чистење на кејот на реката Вардар продолжуваат и оваа година. Се расчистуваат и уредуваат пешачките патеки, се чистат калдрмата, каменот и коритото на реката, се корнат гранки, треви и грмушки со кои се обраснати делови од кејот, се кастрат дрвјата, се уредува зеленилото и се чисти ѓубрето.

На  другата страна од Вардар, не само што беше непрооден кејот под мостот, туку и на погорниот дел од каде се минува од плоштад кон МЕПСО со години граѓаните се движат по пола метар широка патека, помеѓу лимени огради, од една страна оние од недоизградениот „Офицерски дом“, а од другата од влезот на новиот мост.

Мостот почна да се гради во 2014 година и на него требаше да биде поставено панорамско тркало заедно со неколку придружни содржини. И овој објект, како и сѐ друго од проектот „Скопје 2014“, требаше да биде со барокен изглед.

По доаѓањето на власт на новата градска гарнитура на чело со Петре Шилегов, првичната идеја беше мостот да се урне за да се ослободи коритото на Вардар, а со тоа да се намали и опасноста од излевање на реката. Потоа Градот реши сепак да не го урива мостот, затоа што увиде дека уривањето би чинело исто колку доградбата. Град Скопје склучи договор со ГП „Бетон“ мостот да се догради по пониска цена од онаа во претходниот договор, односно наместо 7, Градот да доплати 3,1 милиони евра. Па така, пред година и пол започнаа градежните работи за негова доградба како висечки пешачки премин, со сајли наместо столбови во реката и со проѕирна ограда за да не го попречува видикот од Камени мост кон мостот „Гоце Делчев“.

Минатата година целосно беше исчистено коритото на реката од градежен шут и од бетонските столбови на кои требаше да стои панорамското тркало.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот