Ќе резултира ли спојувањето на институции со вишок административци?!

Т.н. „фузирање“ на органи и институции со сродни дејности се очекува да започне наредната година, за кога и властите најавија намалена администрација за една петтина

И покрај најавата на властите за отпочнување на процес на намалување на администрацијата за 20 проценти, кој, барем според зборовите на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, би требало да финишира за околу година и половина синдикатите се без конкретни детали околу чекорите што претстојат во оваа насока. Темата за кратењето на обемната администрација се најде и во експозето на новиот владин состав, а целта ќе се постигнува преку спојување на институциите со сродни функции и надлежности, преку задолжително пензионирање, преку пакети за трансфер во приватниот сектор или предвремено пензионирање.

Пратениците во Комисијата за труд и социјална политика веќе ја усвоија потребата за измени и дополнувања во Законот за работни односи, кои предвидуваат задолжително пензионирање со навршени 64 години и 15 години стаж, а во моментов активно се вршат и анализите кои ќе дадат одговор на прашањето кои институции ќе се спојат и колку административци би се скратиле со овој процес.

Владини претставници сепак истакнаа дека ќе има и вработувања, односно зајакнување на одредени органи, како инспекторатите или пак министерствата за одбрана и внатрешни работи, а токму ваквата најава сериозно беше прифатена кај синдикатите, кои немаат информации како на Илинденска е замислено намалувањето на административците.

– Кога се даваат изјави за намалување на администрацијата, треба да се напомене дека тоа се однесува на рационализација на јавната администрација во јавниот сектор, како во образованието или културата. Во делот каде ние како Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата дејствуваме немаме превработеност. Напротив, согласно систематизациите беше констатирано дека голем дел од местата во овие дејности не се пополнети. Во судовите на пример недостасуваат записничари. Од друга страна, пак, сличен проблем има и во јавниот сектор, како што е здравството, па во одредена болница има значителен број на административни работници, отколку лекари, вели претседателот на УПОЗ, Пеце Грујовски.

Според него најавите за спојување на институции ќе се оствари онаму кадешто се совпаѓа дејноста, односно паралелно се работи иста работа, како што се регулаторните тела и агенциите, но сепак тој очекува вработените да бидат преземени и не им дава голема веројатност на отпуштањата.

Со сличен став е и претседателот на Синдикатот на образованието, науката и културата, Јаким Неделков, кој исто така не очекува значителна бројка на лица да бидат отпуштени од работа од овие дејности поради можното фузирање на надлежности и кадар.

– Ние не го знаеме моделот според кој тоа ќе го направат. Доколку сметаат дека има нефункционални места, не треба веднаш да се размислува на опцијата за прогласување технолошки вишок, напротив треба најпрвин да се разгледа можноста за внатрешни распоредувања, особено затоа што вицепремиерот за економски прашања Битиќи изјави и дека има сектори каде треба да се вработува. Не треба да се носат избрзани решенија и луѓето да останат на улица, па потоа по судски пат да се бара правдата. Нека се направат структурни реформи, макар не веднаш туку за три години, истакна Неделков.

Вицепремиерот за корупција и човечки ресурси, Љупчо Николовски претходно извести дека 2021 ќе биде година на укинување и спојување на институциите, агенциите, фондовите и слично, како што вели – чекор по чекор. Воедно и во Извештајот на Европската комисија беше потенцирано дека одговорностите на некои институции за креирање политики треба да се разјаснат и да се ревидираат за да се обезбеди дека нема преклопувања, а челниците на МИОА зачестија со средби со европски експерти за државна реорганизација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот