Кавадарчани ѝ кажаа „не“ на Карлеуша: Ѕвездата нема да настапи на „Тиквешки гроздобер“ 2022

Јелена Карлеуша и Митко Јанчев / Фото: Инстаграм, Јелена Карлеуша/Фејсбук, Митко Јанчев

Српската пејачка Јелена Карлеуша беше најавена како главен изведувач на годинашното издание на „Тиквешки гроздобер“, една од најважните културни и туристички манифестации за Кавадарци. Сепак, по големиот број негативни реакции на социјалните мрежи, Карлеуша нема да настапи пред кавадарчани годинава.

Тековниот градоначалник на Општина Кавадарци, Митко Јанчев се огласи на Фејсбук и сподели дека настапот на пејачката е откажан.

„Овие денови ја објавивме целосната програма за ‘Тиквешкиот гроздобер’ 2022 година. По пауза од две години, сакаме да продолжиме онаму каде што застанавме. А бевме на добар пат кон најдобрите културно – музички фестивали во државата.

Општина Кавадарци во последните години е препознатлива и докажана по транспарентното работење. По објавената музичка програма наидовме на голем број негативни коментари и негодувања за музичката ѕвезда Јелена Карлеуша која е предвидена за настап на 11 септември како главна музичка атракција за годинашниот гроздобер.

Нам секогаш ни е најважно вашето мислење, драги кавадарчани. Па, затоа настапот на оваа музичка ѕвезда е откажан, а во моментот се преговара со останати музички ѕвезди со кои можеме да го договориме дадениот датум“, напиша Јанчев на Фејсбук.

Како потсетување, манифестацијата „Тиквешки гроздобер“ годинава ќе се одржи од 9 до 11 септември во Кавадарци. Овој настан има долгогодишна традиција, а првпат се одржал во 1964 година.

Откако ја „откачи“ Карлеуша, Јанчев размислува да го викне Ламбе да пее на „Тиквешки гроздобер“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот