Касами се договорил со Словенците кои фактурираа сметки да не наплаќаат комуналии за подруми, гаражи и штали

Комунална сметка Тетово/Фото: Слободен печат

Со словенечката компанија Заубермахер која од минатиот месец започна да го собира и транспортира комуналниот смет, но и да ги фактурира сите комунални сметки, договорено е да не се наплатува за ѓубрарина и вода за објекти кои не се за станбено живеење како подруми, гаражи и штали, посочи денеска градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

Прес конференцијата следува откако минатата недела на адреса на тетовци започнаа да пристигнуваат сметки за подруми, гаражи и други објекти кои не се ниту нивни.

„Во многуте вакви административни проблеми веќе дадовме насоки тие да се елиминираат и нема да се наплаќа за простории кои не се станбени и другите ситуации кои се појавија во однос на квадратурата ќе се решат. Се работи за податоци кои сме ги дале од катастар и разговаравме заеднички да работиме во делот на ажурирање на податоците. Што се однесува за ситуацијата кога имавме повеќе сметки за еден објект, односно сметките доаѓаат за ист објект, но на сите косопственици на тој објект, во тој случај еден од сопствениците ќе треба да дојде и даде изјава дека тој треба да ги покрие трошоците“, рече Касами.

Касами рече дека грешката е исправена, а регулурани се и недостатоците во однос на висината на комуналните сметки кои беа за двојно и тројно поголеми од претходните.

„За шарпланинските села цената за плаќање на отпадот ќе биде 340 денари, додека во Голема и Мала Речица, Порој, Џепчиште, Фалише и Сараќино цената ќе биде 540 денари.Што се однесува до цената на водата за пиење и канализацијата, цената по куќа ќе биде 320 денари, додека за оние кои живеат во стан 230 денари.За сите граѓани кои имаат повеќе од едно станбено живеалиште ќе плаќаат 50% од вселивиот простор и такса од 100 денари за вода и 100 денари за јавна чистота.Оваа методологија ќе важи и за исселениците. Исто така, за сите фактури за месец февруари ќе се избрише плаќањето на вода и канализација. Граѓаните ќе треба да платат само за отпад и јавна чистота“, рече Касами.

Тој посочи дека неговите политички опоненти се обидуваат од новосоздадената ситуација да прават политика.

Сакам да ги информирам граѓаните дека Општина Тетово има најниска цена во државата, за услугите поврзани со отпад, вода и канализација, додаде тој.

Тетовци се жалат дека им стигаат сметки за гаражи, подруми, дури и штали, објекти кои ниту се приклучени на водоводниот систем, ниту трошат вода и создаваат смет.

Жител на Тетово минатата недела се пожали дека на негова сметка биле ставени комуналните сметки на објектите од неговите браќа кои се во странство. Друг пак рече дека му стигнала комунална сметка за наплата на објект штала, трет пак изјави дека треба да плати сметки за гаражите кои се во сопственост на станарите од неговото мало.

Пред еден месец со презентација на камиони за собирање на отпад и нови контејнери на градскиот плоштад во Тетово, општината го промовираше почетокот на јавното-приватно партнерство со словенечката компанија Заубермахер, со која пред неколку месеци потпиша договор за собирање и транспортирање на комуналниот смет во Тетово.

Градоначалникот на Тетово Билал Касами тогаш рече дека сите вработени во ЈКП Тетово кои биле ангажирани во Секторот „Комунална хигиена“ ќе ги презеде словенечката компанија, а сметот ќе се собира во сите села и населени места во рамките на Општина Тетово.

Свеченост на тетовскиот плоштад со нови контејнери и камони, Словенците го презедоа менаџирањето со сметот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот