Им фактурирале комунална сметка за сите гаражи на соседите, хаос во Тетово, се наплаќаат комуналии за подруми и штали

Комунална сметка Тетово/Фото: Слободен печат

Откако словенечката компанија го презеде менаџирањето со сметот во Тетово, а општината одлучи сметките за вода, ѓубрарина и подигање и транспортирање на отпадот да го наплатуваат странците, пред ЈКП Тетово еден куп револтирани граѓаните.

Се жалат дека им стигаат сметки за гаражи, подруми, дури и штали, објекти кои ниту се приклучени на водоводниот систем, ниту трошат вода и создаваат смет.

Жител на Тетово се жали дека на негова сметка биле ставени комуналните сметки на објектите од неговите браќа кои се во странство. Друг се жали за комуналната сметка за наплата на објект штала, трет пак вели дека треба да плати сметки за гаражите кои се во сопственост на станарите од неговото мало.

„Комунални сметки за гаражи од станари од улицата „Димо Гавроски Кара“ број 50 на ќерка ми и ги ставиле да ги плати во нејзината сметка со површина од над 280 квадрати и за нејзина гаража треба да плати, но и и за гаражи од соседите да плаќа. Над 3200 денари сметката, не знам што да кажам, не знаеме кај да се жалиме. Тоа се гаражи од зградата на едно лице се ставени не знаеме што е работава“, вели една жителка на Тетово.

„Јас се чудам за сметките, три сметки ми стигнале, за гаража и плус за штала, имам една штала и за таму стигнала сметка за вода, а јас таму имам ископано лично свој бунар и за таму ми дошла сметка од 1000 денари, а се работи за нива каде има штала, додава друг жител на Тетово.

Со комуналните сметки се направи тотален хаос, но исто така се повисоки и за двојно и тројно од претходните, се жалат тетовци.

„Сме плаќале три семејства по 17 кубика вода, сега секој по 20 кубика плаќа. Многу поскапена сметката, еден ми кажа платил 3000 денари за смет, ми дошла сметка како да ми го метат дворот“, вели еден жител на Тетово.

„Јас сум плаќал за синот порано 105 денари такса, дека синот не живи тука во странство е, Сега дошла сметка 800 денари зошто да плати толку пари, на тој што му треба пари нека најде начин друг, а не од нас да зема“, додава дриг тетовец

„Ние сме двајца членови, дома сме плаќале 560 денари, а сега над 150% покачаена ни е сметката, не знам од каде е овој рецепт за плаќање. Од катастар зеле податоци, тие требале да дојдат на лице место. Во Словенија одат екипи ќе видат колкав простор се чисти и слично.Над 40 години имам работен стаж, ова до сега не сум видел. Ова го поздравувам ако е малку поскапено, но ова е хаос што се случува. Плаќам 15 кубика вода месечно, па годишно што ми наплаќаат за вода, со таа вода можам градот да го поплавам, дополнува друг жител на градот

Од Компанијата Заубермахер велат дека утврдувањето на начинот на пресметка и утврдување на надоместоците (цените) за секоја комунална услуга, се одлуки донесена од општина Тетово, односно усвоени од Советот на општина Тетово.

„Во одлуката на Советот на општина Тетово за усвојување на Ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово, стои дека цената за собирање на отпадот се утврдува по метар квадратен (m²). Со ова исто така нагласуваме дека сите катастарски податоци, за клиентите кои ги добиле првите фактури, поточно за месец февруари 2024 година, се обезбедени од Општина Тетово, согласно Договорот за Јавно Приватно Партнерство. Дополнително, на официјалната страна на Агенцијата за катастар на недвижности, јавно се достапни катастарските податоци кои се користени за пресметка во фактурите“, објаснуваат од компанијата Заубермахер.

Ја користиме оваа прилика да ве информираме дека поради различните случаи кои граѓаните-корисниците ги пријавуваат во нашите канцеларии, а кои често се поврзани со услуги за кои Саубермахер не сноси одговорност (како што е услугата за вода и канализација), со цел да им помогнеме на граѓаните, се изготвува усогласена информација – упатство, и истата ќе биде јавно споделена во наредните денови, додаваат од компанијата Заубермахер

Неодамна од Општина Тетово информираа дека сите граѓани кои добиле повисоки фактури од досегашните, треба да се обратат во канцелариите лоцирани на Зелениот пазар во Тетово како и на влезот во селото Палчиште, за да ги усогласат своите податоци за компанијата да може да врши реална наплата.

„Доколку не сте задоволни од одговорот на претпријатието, ќе можете да се обратите до канцелариите на општина Тетово. Ние како општина ќе формираме посебна комисија која ќе го испита секој презентиран случај и ќе најде решение кое ќе биде во Ваш интерес“, соопштина од Општина Тетово.

Деновиве пак се очекува претставници на Општина Тетово со градоначалникот Билал Касами да остварат средба со претставници на Словенечката компанија за да најдат заедничко решение околу настанатиот проблем со комуналните сметки.

Пред еден месец со презентација на камиони за собирање на отпад и нови контејнери на градскиот плоштад во Тетово, општината го промовираше почетокот на јавното-приватно партнерство со словенечката компанија Заубермахер, со која пред неколку месеци потпиша договор за собирање и транспортирање на комуналниот смет во Тетово.

Градоначалникот на Тетово Билал Касами тогаш рече дека сите вработени во ЈКП Тетово кои биле ангажирани во Секторот „Комунална хигиена“ ќе ги презеде словенечката компанија, а сметот ќе се собира во сите села и населени места во рамките на Општина Тетово.

Но состојбата е сосема друга. Тетовските комуналци се уште не земаат редовно плата, градот е валкан и згора на се, се појавија нови проблеми ,како повисоки комунални сметки кои пристигаат за штали, подруми и гаражи.

Свеченост на тетовскиот плоштад со нови контејнери и камони, Словенците го презедоа менаџирањето со сметот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот