Касами и Мицкоски најавуваат договор за правосудниот испит, Филков остро се спротивставува
Студентите Албанци во Македонија ќе можат да ги полагаат сите стручни испити на албански јазик, постои договор со премиерот за ова прашање, дециден е еден од лидерите на Вреди, Биљал Касами. Тој во интервју за „Топ ченел“ рече дека Вреди презела одговорност за решавање на нерешените прашања поврзани со употребата на албанскиот јазик, вклучително и правосудниот испит.
Препорачано
– Имаме договор со премиерот сите испити за стручна подготовка да се полагаат на албански јазик. Тоа е процес што има врска со усогласување на сите закони со Законот за употреба на јазиците. Тоа е ситуација наследена од претходните влади и ние презедовме одговорност да ја решиме – изјави Касами, пренесе порталот Журнал.
Дека има договор студентите Албанци правосудниот испит да го полагаат на албански јазик, денеска потврди и премиерот Христијан Мицкоски кој нагласи дека договорот ќе биде испратен на разгледување до Венецијанската комисија.
– Овој и низа проблеми што ги наследивме ќе бидат решени. Го осудувам однесувањето на ДУИ. Имаа можност 20 години да ги решат прашањата, а ги решија личните прашања, па можете да видите како од голтари станаа милионери на грбот на националистички пароли и на грбот луѓето кои мака мачат да преживеат – рече Мицкоски.
На прашање дали договорот за правосудниот испит произлегол од неговата средба со Касами и Меџити што се одржа пред протестот на студентите Албанци и дали тој ќе биде испратен до Венецијанската комисија, премиерот изјави:
– Да, апсолутно, секое решение го праќаме до Венецијанската комисија, и ова ќе го пратиме.
Изјавите на Мицкоски и Касами се во спротивност на ставот на министерот за правда Игор Филков кој вчера преку писмено соопштение реагираше дека правосудниот испит не е прашање на политика, туку прашање на стручност, професионалност и почитување на правниот поредок на државата. Тој нагласи дека обидите да се прикаже законската обврска за познавање на македонскиот јазик како дискриминација се опасна манипулација со јавноста.
– Најостро реагирам на обидот полагањето на правосудниот испит да се претвори во поле за политички притисок и етничка конфронтација. Правосудниот испит не е прашање на политика, туку прашање на стручност, професионалност и почитување на правниот поредок на државата. Обидите да се прикаже законската обврска за познавање на македонскиот јазик како дискриминација се опасна манипулација со јавноста и директен удар врз уставниот поредок. Македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на Република Северна Македонија и темел на институционалниот и правниот систем. Недозволиво е чувствителни теми што директно го засегаат правниот систем да се користат за собирање политички поени или за создавање меѓуетнички тензии – изјави министерот Филков.
Како што посочи тој, правосудниот испит се спроведува согласно важечките закони и професионални стандарди, а не според дневно-политички агенди или притисоци од улица.
– Правото на протест е демократско право, но никој нема право преку насилни протести да бара уривање на критериумите и стандардите во правосудството. Министерството за правда останува отворено за аргументиран институционален дијалог, но нема да дозволи девалвација на правосудниот систем, ниту поткопување на улогата на македонскиот јазик како столб на државноста и институционалниот поредок. Македонскиот јазик не е пречка – тој е обврска, уставна вредност и гаранција за функционирање на државата – посочи Филков.
Коментирајќи ги изјавите на Филков, Касами нагласи дека никој не може да ја забрани употребата на албанскиот јазик.
– Филков не е тој што може да ја забрани употребата на албанскиот јазик. Ние сме втор партнер во владата и заедно со премиерот се согласивме дека ги претставуваме и заштитуваме правата на Албанците – рече Касами.
Според него, во владата може да има експоненти кои се обидуваат да водат политика на меѓуетнички теми, но нагласи дека постои согласност со премиерот дека овие прашања треба да се затворат и земјата да се фокусира на иднината и интеграцијата.
Коментирајќи го протестот на студентите Албанци во Скопје во врска со правосудниот испит за кој бараат да се полага на албански јазик, Касами оцени дека истиот бил злоупотребен од страна на опозициските политички партии.
– Ние ја поддржуваме секоја форма на протест, бидејќи граѓаните се гласот што ги коригира владините политики. За жал, протестот беше злоупотребен од страна на политичките експоненти кои се причина за оваа ситуација – рече лидерот на Вреди.
Во врска со протестот, премиерот Мицкоски изјави дека го поддржува секој протест бидејќи тој е демократско право, но она што не поддржува, како што рече, е тоа што демонстрантите кои биле правници и се бореле за правото, во исто време го прекршувале законот за државното знаме и химната.
– Навредите не ги коментирам, тоа е домашно воспитување, не го коментирам ниту насилниот инцидент и мешањето на надворешни фактори – тоа ќе го оценам како фолклор – рече Мицкоски.
Неколку часа пред протестот на студентите Албанци, премиерот Христијан Мицкоски се сретна со коалициските партнери од албанскиот блок, копретседателите на Вреди Биљал Касами и Изет Меџити, кои пред средбата најавија „добри вести поврзани со прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик“.
„Правосуден испит и на албански јазик! Наскоро со добри вести…“, напишаа Касами и Меџити во идентичната објава, без да наведат повеќе информации.
Како што соопштија од Вреди по средбата, на состанокот главниот фокус бил ставен на употребата на јазиците при полагањето на испитот, со цел да се изнајде модел кој ќе биде функционален, долгорочен и целосно усогласен со Уставот и со Законот за употреба на јазиците.
Во владиното соопштение за средбата, пак, беше наведено дека преку заеднички, мудар и достоинствен пристап се доаѓа до решенија кои значат напредок, градење на меѓусебна доверба и заедничка иднина.


