Кандидатот за градоначалник на Загреб: Во 1945 Загреб не бил ослободен туку окупиран
Кандидатот за градоначалник на Загреб, Томислав Јоњиќ, во четврток, по повод Денот на победата над фашизмот и ослободувањето на Загреб, изјави дека Загреб бил окупиран на 8 мај 1945 година и ја обвини сегашната влада во Загреб дека идеолошки го наследува југословенскиот комунизам, објавија хрватските медиуми.
Зборувајќи за влегувањето на партизанските единици во Загреб во 1945 година, Јоњиќ и неговите политички сојузници Златко Хасанбеговиќ, Игор Петернел, Херман Вукушиќ и Марко Милановиќ Литре тврделе дека станува збор за воени сили кои дејствувале во интерес на обновата на Југославија, а не на ослободувањето на Хрватска.
Препорачано
„Значи, на 8 мај 1945 година, Југословенската армија влезе во главниот град на Хрватска, воена и политичка сила која беше формирана со цел да ја обнови југословенската држава и која работеше во текот на целото свое постоење на обнова на југословенската држава, а Хрватска никогаш не можеше да биде ослободена од Југославија и во име на Југославија“, рече Јоњиќ.
Тој најави дека, доколку стане градоначалник, ќе ги обнови воените гробишта на хрватските војници во Мирогој и ќе го изгради Спомен-центарот на жртвите од Татковинската војна во Загреб. Не е можно, додава тој, да се справуваме со иднината сè додека не се расчистат илузиите и злосторствата на историјата.


