Канадскиот премиер им се обрати на Американките: Ако сакате да абортирате, дојдете кај нас
Канадскиот премиер Џастин Трудо предупреди дека одлуката на Врховниот суд на САД да го поништи уставното право на абортус може да доведе до губење на други права и нагласи дека неговата земја ќе продолжи да им дозволува на американските жени да абортираат во Канада.
Трудо одлуката на судот ја нарече страшна и изрази загриженост дека пресудата еден ден може да дозволи укинување на правната заштита за хомосексуалните односи, вклучително и правото на истополовите парови да стапуваат во брак, пренесува Вашингтон пост.
„Знаеме дека ова е крајно застрашувачки и обесхрабрувачки период за толку многу жени. Жените со генерации се бореа за повеќе права во САД и сега го гледаат овој неуспех. Сега тие се загрижени дека ќе ги загубат и другите права. Ова е потсетник за тоа како мораме да бидеме недвосмислени во одбраната на човековите права, да не земаме ништо здраво за готово, да останеме будни и секогаш да се залагаме за правата на жените, за правата на ЛБГТ, за правата на луѓето кои се обесправени и маргинализирани“, рече Трудо на на прес-конференција во Кигали, Руанда, на состанокот на шефовите на влади на Комонвелтот.
Трудо вети дека ќе продолжи да се залага за правата на жените
Трудо не одговори директно на прашањето дали неговата влада ќе им помогне на граѓанките на САД кои бараат абортус во Канада, но рече дека Американките кои ќе се најдат во Канада ќе имаат пристап до канадскиот здравствен систем и ќе можат да абортираат.
Но, цената и поседувањето канадски пасош ја прават таа опција прескапа за некои Американки. Одлуката на судот најверојатно ќе доведе до забрана за абортус во половина од државите во САД. Трудо вети дека ќе продолжи да се залага за правата на жените во САД и на други места.
„Во Канада, ние сме посветени да обезбедиме дека секоја жена има целосен, безбеден правен пристап до низа услуги во областа на сексуално здравје и репродукцијата, вклучително и безбедни и легални абортуси“, рече канадскиот премиер.