Калиопи пред концертите во Скопје: На 18 и пол години си заминав од дома, моите не можеа да ме скротат
Калиопи ќе одржи три концерти во салата на Филхармонија на 14 ноември и на 6 и 7 декември. На денешната прес-конференција со продукција „Прагма“ во Скопје, пејачката рече дека концертите ќе бидат нешто посебно, најмногу поради тоа што се акустични.
Препорачано
– Подгответе си марамчиња, знам дека ќе се расплачете. Тоа нема да бидат солзи од тага, туку од среќа. Овие концерти ќе бидат слични на оној во Белград што го одржав во март. Ќе има многу изненадувања, дувачка секција, гудачки квартет. Со мојот бенд напорно работиме на пробите – рече Калиопи и додаде дека нема да открива ништо за репертоарот.

На прашањето како останала приземна сите овие години, таа рече дека е до воспитувањето од дома.
– Моите уште додека бев мала сфатија дека имаат „лудо дете“ и сфатија дека не можат да ме скротат. Затоа си рекоа: „Ајде ова дете да го ставиме во една рамка“. Јас на 18 и пол години си заминав од дома, но секогаш ја имав поддршката од нив. Потоа ја напуштив музичката академија, но музиката остана мојот живот – рече Калиопи, која е по потекло од Кичево.
Менаџерот Кристијан Стефановски од продукција „Прагма“ ѝ се заблагодари што ја почитува македонската музика.

– Ние не правиме многу концерти со македонски пејачи, Калиопи, Слаткар и Тони Зен се исклучок. Ќе се бориме за поголема поддршка на македонската музика од медиумите и од публиката – рече Стефановски и најави и четврти концерт на Калиопи во Филхармонијата за кој се чека термин, а можеби и петти.
– Има едни соработници кои за мене велат: „Не дај Боже нешто да ѝ згрешиш на Калиопи, затоа што ќе те згази“. Тоа го мислат секако во професионална смисла, затоа што јас сум голем професионалец и перфекционист. Затоа се радувам што со „Прагма“ се препознавме и си веруваме. Со радост сакам да најавам и дека со Ромео Грил в четврток во Белград ќе промовираме нов синлг, а до крајот на годината ќе излезе и уште една нова песна. Ромео е неуморен, секогаш има енергија за нова музика – додаде Калиопи.
Таа и нејзиниот поранешен сопруг, со кој остана во добар професионален и пријателски однос работат на нови песни за следен албум. Грил живее во Швајцарија и доаѓа во Скопје кога има важен музички настан поврзан со Калиопи.

Инаку, Калиопи беше гостинка на заедничкиот концерт на Марко Маринковиќ-Слаткар и Тони Зен кој се одржа на 11 октомври со Арената „Борис Трајковски“.
– Првично мислев на овој концерт да одам само во публика, но кога добив покана да гостувам со задоволство прифатив затоа што многу ги сакам тие момци, особено Марко кој ми е во срцето – рече Калиопи.
Таа се појави на крајот од концертот и го испеа хитот на „Слаткаристика“, „Да полетам“.



