Златен накит злато
Жена пробува златен накит / Фото: EPA-EFE/LUONG THAI LINH

Како златото од накит прерасна во моќна алатка за финансиска стабилност?

Златото отсекогаш било еден од најмоќните симболи на богатство, моќ и стабилност. Но кое е неговото патување – од природен метал до глобален финансиски стандард? Кога започнува приказната долга илјадници години? Историјата вели дека почетоците на тргување со злато датираат пред околу 6.000 години. Според археолошките податоци, најраната употреба на злато датира околу 4000–3000 година п.н.е., во регионот на денешна Источна Европа и Блискиот Исток.

Во тоа време златото се користело како украс, како религиозен симбол, но и како престижен материјал меѓу племињата и нивните владетели. Но вистинското тргување, односно размена на златото како средство со конкретна вредност  започнува во Антички Египет околу 2600 п.н.е. Египќаните први воспоставиле стандарди за чистота и го третирале златото како гарант на вредноста на царството. Во тоа време се појавиле и првите монети од злато и сребро, што го стандардизирало тргувањето со благородни метали.

Ова е пресвртна точка – од украс и статус, златото се претвора во пари со гарантирана државна вредност.

Кога се појавиле првите златни прачки?

Златните прачки, како стандардизиран облик за складирање и тргување, се појавуваат многу подоцна од златните монети. Првите познати златни прачки се појавуваат во Античка Персија и Месопотамија околу 400–300 п.н.е., но не изгледале како денешните. Тие биле неправилни со нерамни рабови кои служеле за складирање богатство од страна на владетелите и трговските елити. Современи златни прачки (стандардни форми) се развиваат во средниот век, особено во италијанските финансиски центри како Фиренца и Венеција. Но формата која ја познаваме денес – прецизни, сертифицирани, стандаризирани прачки – се појавува дури во 19 век, со индустрискиот развој и потребата од унифицирана чистота (обично 99.5%+), еднаква тежина, сериски број и печат.

Стабилна цената за златото, грам се продава за 113 евра

Со започнувањето на златниот стандард во 19 век, златните прачки стануваат основна форма на меѓународни финансии и банкарство. Историски гледано, од 19 до средината на 20 век, светот беше силно зависен од златните резерви. Банките и државите складираа стандаризирани златни прачки за стабилизирање на валутите, а трговијата меѓу државите често се порамнуваше со злато. Со текот на времето златните прачки стануваат најсигурниот вид на физички актив за инвеститори и централни банки. 

Иако валутите денес не се врзани за злато, металот останува симбол на стабилност, резерва на вредност и заштита од кризи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот