Како тоа Трамп е побогат за 500 милиони долари?
Критичарите му забележуваат на американскиот претседател Доналд Трамп дека ги поврзува своите приватни финансиски интереси со функцијата претседател на САД, пренесе „Форбс“.
Препорачано
Најновиот бизнис на самопрогласениот „мајстор за договори“ веројатно дополнително ќе ги зацврсти во тоа уверување, пишува „Дојче Веле“ и потсетува дека Trump Media and Technology Group (TMTG) минатата недела најави спојување со енергетската компанија TAE Technologies.
Станува збор за спојување вредно повеќе од шест милијарди долари, а TAE Technologies е една од неколку десетици компании ширум светот кои сакаат да ја користат технологијата на нуклеарна фузија за производство на електрична енергија.
Компанијата основана во 1998 година, според „Волстрит журнал“, е една од најстарите приватни компании во светот специјализирани за нуклеарна фузија.
TAE ја поддржуваат Google и енергетскиот концерн Chevron, а има собрано повеќе од 1,3 милијарди долари приватен капитал, меѓу другото и од Goldman Sachs.
TMTG и TAE имаат амбициозни планови: веќе следната година сакаат да почнат со изградба на „првата нуклеарна фузиска електрана во светот во индустриски размери“.
Директорот на TMTG, Девин Нунес, од тоа очекува намалување на цените на електричната енергија во САД и подобро покривање на енергетските потреби на вештачката интелигенција (AI).
Нуклеарна фисија и нуклеарна фузија се два различни начини на добивање енергија од атомските јадра: кај нуклеарната фисија тешките атомски јадра, на пример ураниум, се распаѓаат и притоа се ослободува енергија. Таа технологија денес се користи во нуклеарните електрани, но произведува долготраен радиоактивен отпад.
Кај нуклеарната фузија лесните атомски јадра, пример водород, се спојуваат меѓусебно. Тој процес дава уште повеќе енергија, произведува значително помалку долготраен радиоактивен отпад и се смета за многу безбеден. Сепак, засега таа технологија сè уште не е доволно развиена за да биде подготвена за пазарот.
Голем раст на вредноста на акциите
На американската технолошка берза Nasdaq, акцијата на TMTG потоа нагло скокна – на крајот на денот беше забележан раст од 42 проценти, на 14,86 долари.
Нетото богатство на Доналд Трамп со тоа, според Forbes, одеднаш се зголеми за повеќе од 500 милиони долари – сега изнесува 6,8 милијарди долари.
Во меѓувреме тоа пораснало за уште неколку милиони, затоа што акцијата на TMTG во САД продолжува да расте. Во неделите претходно вредносните хартии беа под притисок: од октомври имаа изгубено повеќе од 40 проценти од вредноста.
Кој има контрола врз Trump Media?
Трамп го основа TMTG во февруари 2021 година, откако Twitter му ја блокираше сметката по упадот на неговите поддржувачи во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година.
Централниот проект на TMTG досега беше апликацијата за социјални мрежи „Truth Social“, интернет каналот за официјални објави на американскиот претседател Трамп.
По повторниот избор за во Белата куќа, Трамп, за разлика од своите претходници, не го пренесе своето богатство во независен доверителски фонд, таканаречен „Blind Trust“. Наместо тоа, со имотот на неговиот татко управува неговиот син Доналд Трамп Џуниор. Сепак, Доналд Трамп останува единствен корисник и и натаму може да остварува приходи од своите компании. Јасната граница меѓу приватниот бизнис и јавната функција изгледа поинаку.
„Qualified Blind Trust“, каков што го бара „Ethics in Government Act“ од 1978 година, е доверителска структура во која сопственикот („trustor“) нема никаква контрола, знаење или влијание врз управувањето и изборот на поединечни имотни вредности. Добива само квартален извештај за промените на вредноста, без детали за трансакции или удели.
Така, на пример, Џими Картер ја пренесе својата фарма за кикирики во „Blind Trust“. И Линдон Б. Џонсон, Роналд Реган, Бил Клинтон, Џорџ Буш и неговиот син Џорџ В. Буш користеа Blind Trust за време на своите претседателски мандати.
Трамп се залага за вештачка интелигенција
И во овој бизнис со TAE, финансиските интереси на бизнисменот Трамп би можеле да се испреплетат со неговата должност како американски претседател.
Имено, Трамп како претседател на САД силно ја поддржува политиката за јакнење и раст на вештачката интелигенција – и со тоа долгорочно го поттикнува растот на потрошувачката на енергија во земјата.
Уште во ноември тој ја покрена иницијативата за вештачка интелигенција „Genesis Mission“. Во четвртокот американската влада објави дека за неа обезбедила поддршка од технолошки концерни како Microsoft, Google и Nvidia.
Олеснета работа за критичарите
Целта на „Genesis Mission“ е со помош на вештачка интелигенција да се забрзаат научните истражувања, како и да се зајакне енергетското снабдување и националната безбедност на САД. Трамп ја прогласи победата во натпреварот со Кина за развој на вештачката интелигенција за свој политички приоритет.
Дали Трамп ја злоупотребува, како што му забележуваат критичарите, својата должност на досега невиден начин за да се збогати лично? Со неговиот најнов нуклеарно-енергетски договор, иницијативата за ВИ „Genesis Mission“ и истовременото одбивање да користи „Blind Trust“, Трамп во секој случај доаѓа во позиција да биде полесна мета за напади.


