Како се поврзани талкот и ракот? „Џонсон и Џонсон“ мора да им платат 40 милиони долари на жените од кои добија тужба
Поротата во Калифорнија во петокот им додели 40 милиони долари на жените кои тврдеа дека бебешката пудра на „Џонсон и Џонсон“ е виновна за нивниот рак на јајниците. Поротата на Вишиот суд во Лос Анџелес им додели 18 милиони долари на Моника Кент и 22 милиони долари на Дебора Шулц и нејзиниот сопруг откако откри дека „Џонсон и Џонсон“ со години знаеле дека нивните производи на база на талк се опасни, но не ги предупредиле потрошувачите.
Препорачано
Ерик Хас, потпретседател на „Џонсон и Џонсон“ за светски судски постапки, рече дека компанијата планира веднаш да се жали на пресудата и очекува да успее. Според судските записи, на Кент ѝ бил дијагностициран рак на јајници во 2014 година, а на Шулц во 2018 година. Двете жени се жителки на Калифорнија и велат дека користеле бебешка пудра по капење 40 години. Нивните третмани за рак на јајници вклучувале големи операции и десетици циклуси хемотерапија, сведочеа тие на судењето.
Енди Бирчфилд, адвокат на двете жени, ѝ рече на поротата дека „Џонсон и Џонсон“ знаеле уште во 1960-тите дека нивниот производ може да предизвика рак.
„Тие апсолутно знаеле, знаеле и направиле сè што можеле за да го сокријат тоа, да ја закопаат вистината за опасностите“, рече Бирчфилд.
Според судските поднесоци, „Џонсон и Џонсон“ се соочува со тужби од повеќе од 67.000 луѓе кои тврдат дека им бил дијагностициран рак откако ја користеле нејзината бебешка пудра и други производи со талк. Компанијата тврди дека нејзините производи се безбедни, без азбест и не предизвикуваат рак. Во 2020 година, „Џонсон и Џонсон“ престана да продава бебешка пудра на база на талк во САД, преминувајќи на производ од пченкарен скроб – пишува Кликс.ба.


