Како понеделникот да ви стане нова можност, а не казна? Тајната е во четири едноставни чекори
Понеделник – тој збор често предизвикува воздишка, муртење или желба за уште едно кафе пред вистински да започне. Но, можеби проблемот не е во самиот понеделник, туку во она што го бара од нас: повторно да се префрлиме од својата викенд-верзија – спонтана, опуштена и своја – во работната, дисциплинирана и организирана верзија. Суперуспешните луѓе, оние кои се чини дека имаат повеќе часови во денот од останатите од нас, не бегаат од овој премин. Тие го режираат. Понеделникот за нив не е казна, туку можност за нов почеток. А добрата вест е дека нивниот пристап може да се научи. Еве и како – во овие четири чекори:
Препорачано
1. Подготовката е сè
Една стара поговорка вели: „Ако имав шест часа да сечам дрва, првите четири би ги поминал острејќи ја секирата“. Со други зборови – подготовката е сè. Продуктивната недела не се случува случајно. Ако сè оставиме на навиката и инерцијата, ќе го достигнеме нивото на нашите навики, а не висината на нашите цели. Дури и кога вашите рутини се добри, планирањето ги зајакнува. Бенџамин Френклин, вечниот симбол на ефикасноста, си го поставувал прашањето секое утро: „Што добро ќе направам денес?“, а секоја вечер завршувал со: „Што добро направив денес?“. Тој едноставен ритам на намера и размислување создава напредок.
Денешната наука потврдува дека прецизното планирање драстично ги зголемува шансите за постигнување на она што сме го замислиле. Кога јасно дефинираме што, како и кога сакаме да направиме нешто, го намалуваме одложувањето и ја зголемуваме упорноста.
2. Во ред е да се почне и во понеделник навечер
Ако овој понеделник веќе ви изгледа изгубен, не грижете се. Неделата е долга и сè уште можете да ја искористите во ваша корист. Во понеделник, пред спиење, направете мини преглед на денот. Што постигнавте денес, а што остана настрана? Од она што сте го пропуштиле, што навистина вреди да се поправи? Запишете го тоа.
Потоа напишете краток список на задачи за утре. Не дневник на емоции, не мотивациски есеј, туку едноставен и реалистичен список. На пример: „Да го завршам извештајот за на работа“ или „Да закажам преглед кај стоматологот“. Важно е секоја ставка да биде остварлива, не амбиција, туку акција.
3. Применете го Паретовиот принцип или правилото 80/20
Италијанскиот економист Вилфредо Парето открил дека 20 проценти од нашите активности носат 80 проценти резултати. Искористете го тоа: означете која од вашите задачи носи најголем учинок, таа оди прва на листата. Започнете од неа наутро, додека имате свежина и фокус. Напредокот се гради врз акција, а не врз желби.
4. Создадете време за непречена работа
Една од тајните на таканаречените суперперформери е создавањето време за длабока работа. Тоа е непрекинат период во кој сте целосно нурнати во она што го работите. Психологот Михали Чиксентмихајли докажа дека луѓето тогаш чувствуваат најголемо задоволство и смисла. Исклучете ги известувањата, затворете ги непотребните табови на вашиот компјутер и не дозволувајте никој да ви го прекине ритамот. Но и да се случи тоа, не се откажувајте, само преместете ја задачата во следниот блок. Целта не е совршен ден, туку непрекинат синџир на напредок.


