Како Џони Кеш ги пишувал своите текстови: „Помислив, што би било најлошото нешто што може да го направи еден криминалец?“
Широко познатата кантри ѕвезда Џони Кеш е роден на денешен ден, 26 февруари, во 1932 година. Американскиот пејач и текстописец, чие дело го прошири опсегот на кантри и вестерн музиката, останува релевантен до ден-денес, децении по неговата смрт.
Препорачано
Низ стотиците песни кои тој ги има напишано може да се примети дека Кеш во срцето бил раскажувач. Тој секогаш го претпочитувал наративот пред апстракцијата, работејќи во стилот и по традицијата на големите фолк пејачи од 30-тите години. Преку својата работа, тој инспирирал безброј изведувачи од различни жанрови, почнувајќи од Крис Кристоферсон до Роџер Далтри од „Ху“.
Во интервју со „Гитар плејр“ во 1994 година, Кеш раскажал за суровината во текстовите на неговите песни, која потекнува од неговиот живот. Израснат во Арканзас во текот на 1930-тите, тој го апсорбирал раскажувањето приказни како дневен ритуал. Тоа потоа станало силата зад живописните сцени раскажани преку стиховите кои ја дефинираат неговата музика.
„Се сеќавам како го слушав татко ми како раскажува приказни секоја вечер сè додека не наполнив 12 години. Кога бев мал, немаше телевизор. Понекогаш, среде зима, батеријата на радиото се празнише. Немавме струја. Сè што имавме беа книги и едни со други. Тоа раскажување приказни стана моја традиција. Го продолжив тоа раскажување со моето пишување и во мојата ТВ емисија“, рекол Кеш.
Таа традиција се приметува и во „Шоуто на Џони Кеш“, каде што еден периодичен сегмент наречен „Вози го возот“ ги меша говорните сеќавања со песна. Во емисијата, Кеш евоцира место, а потоа пее за истото, користејќи ја личната меморија за да го одрази поширокиот пејзаж.
„Во Големата депресија од раните 30-ти, татко ми беше скитник. Постоеја два вида скитници – обични скитници и скитници кои одеа да бараат работа. Тој се возеше по шините и ги праќаше сите пари кај мајка ми. Постојано раскажуваше секакви приказни – приказни од човечки интерес за тешкотии, опасности и чудна забава на животот на патот. Скитничките кампови секогаш беа ризични места, со борби, кражби и ножеви“, раскажал Кеш.
Тој подоцна ги претворил многу од тие спомени во песни, вклучувајќи ги „Riding on the Cotton Belt“, „Picking’ Time“ и „Five Feet High and Rising“, за кои рекол дека се „за поплавата што нè избрка во 37-ма“.
Сепак, една од неговите најпознати песни произлегла од чиста имагинација. Кеш никогаш воопшто не ни бил затворен кога ја напишал „Folsom Prison Blues“. Тој бил стациониран во Германија со американските воздухопловни сили кога песната почнала да се оформува.
„Отидов во киното во базата во 1953 година и гледав филм насловен ‘Меѓу ѕидовите на затворот Фолсом’ (Inside the Walls of Folsom Prison). Не можев да го тргнам од мислите. Се вратив во мојата касарна и почнав да пишувам текстови. Не се сеќавам на првите редови. Токму го погледнав овој филм и почувствував како е да се биде во затвор преку тие затвореници и таа приказна. Помислив, ќе ја напишам оваа песна како да сум криминалец. Што може да биде најлошото нешто што може да го направи еден криминалец? Да пука во човек само за да го гледа како умира. Оттука дојдоа тие реплики. Излегоа од мојата глава, но беа како песните што ги напишав за фармата – ги напишав како да сум таму“, раскажал тој.
Кеш предизвикал сличен удар со „Delia’s Gone“, традиционална балада вклучена во неговиот албум од 1994 година, „American Recordings“, со мелодии снимени во неговиот дом, придружени од пар акустични гитари.
Најверојатно напишана во 1920-тите, песната раскажува за убиството на 14-годишната Делија Грин од нејзиното 15-годишно момче во 1900 година. Стихот „Првиот пат ја застрелав, ја застрелав во страна, тешко беше да се гледа како страда, но со вториот истрел таа умре“, доаѓа од оригиналот.
„Немав поим дека оваа песна ќе заврши на овој албум. Ќе напишам песна само за себе, на крајот ќе ја испеам за продуцент и одеднаш таа е на плочата. Тоа се случува често“, рекол Кеш.


